Има заинтересирани фирми за изградба на гасоводот од Грција, вели Бектеши

-Има многу заинтересирани фирми за изградба на интерконекторот за гас кој ќе не поврзе со Грција, вели министерот за економија Крешник Бектеши во неделното интервју за РСЕ. Тој додава дека се предвидува дополнително да се користи модел јавно приватно партнерство и во ТЕЦ „Осломеј“ каде би можело да се развие и топловодна мрежа за Кичево, слично на Скопје.

-Во делот за Неготино таму се планира таа да се конвертира во гасна и водородна централа и ние како министерство веќе донесовме одлука за да доставиме писмо за интерес на нашите соседни држави, бидејќи предвидуваме да имаме голем капацитет со над 600 МВ часови каде би се вклучиле нашите соседи особено од Западен Балкан. Имавме пред вид дека на тој начин нашиот енергетски систем би го направиле регионален и на тој начин би се споиле и пазарите за да имаме пофункционална берза и да имаме сигурност во делот и на снабдувањето со струја – вели тој.

Министерот додава дека до февруари е рокот за пријава на заинтересираните страни за изградба на интерконекторот со Грција.

-До сега има многу компании кои се заинтересирани и меѓународни и домашни и јас сум убеден дека тоа ќе биде успешен процес со кој би отпочнала изградбата околу март и е предвидено во рок не повеќе од 18 месеци ние да имаме целосно нова гасоводна мрежа. Тоа како држава ќе ни ја зголеми сигурноста во снабдувањето и нема да сме зависни само од Русија и Бугарија – рече Бектеши.