Имам сомнеж дека опозицијата се следи, Спасовски мора да си замине

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју дадено за „Република“ вели дека се сомнева дека е следен од безбедносните служби.

-Имам отворен сомнеж дека ја следат цела опозиција, затоа е и отворениот сомнеж дека ме следат мене, моите соработници, но и тоа нема да им помогне. На Александар Николоски му објавуваат фотографии од средби на улица. И што мислите не го следеле Груевски и не знаеле дека заминува?! Како тоа Вучиќ знаел, Албанија знаела, само Заев и Спасовски не знаат. Најмалку што треба да направи Спасовски е да си поднесе оставка веднаш. Човекот ја девалвира одговорната позиција со која не може да се носи. И не само тоа, што стана со реформите во полицијата, со реформите од Прибе, што стана со професионализацијата на полицијата. Ништо! Нема ниту една акција против организиран криминал, нема откриен шверц, казнет криминал. Цел апарат впрегнале за пресметка со опозицијата, потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски како причини плус за оставка на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги додаде нерасветлените убиства.

„Спасовски мора да замине. Тој не расветли еден куп убиства, Спасовски нема реформи, си ги ослободува од затвор соработниците кои му ги фатија во криминал, во корејски стил ни пушти полиција да го окупира штабот. Оставка е првото нешто што треба да се случи.“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека помирувањето е решение за политичкиот прогон врз опозицијата:

„Треба помирување затоа што има политичи прогон. Нека престане политичкиот прогон и веднаш ќе има помирување. Тоа не носи ништо добро за никој во оваа држава. Јас не велам да нема постапки, ама постапки по закон, во кои се почитува пресумпција на невиност, во кое обвинителот и одбраната имаат ист третман, во кој се почитуваат процедури, во кои има достоинство и вистиска потрага по правда, а не правда која е неправда, поход во кој се бара крв и во кој се жигосува, во кој политичкото водство на МВР бара притвор и судот определува притвор, во кое владеат сомнежите дека премиерот кажува кој, кога и на колку годии ќе биде осуден… Тоа не е евроатланстака Македонија.“

Тој додава и амнестијата е едно од решенијата.

-Ние поднесовме закон за амнестија за случувањата за 27 април, и тој е добра основа за разговор и изнаоѓање на решение. А што се однесува за општественото помирување ВМРО-ДПМНЕ има план и тоа треба да се одвива паралелно со процесот на реформи потребни за европската агенда каде сме подготвени да дадеме квалитативен придонес со цел остварување прогрес, подвлече Мицкоски во интервјуто дадено за „Република“.