Име за датум: како ја прокоцкавме иднината

И сега каде. Кој правец да се фати по недобивањето датум за отпочнување преговори со Европската Унија. Премиерот Заев ќе изјави дека „европската интеграција нема алтернатива за нас и нашето место е во ЕУ“. Иако умерен оптимист, сепак е оптимист дека сонот за членство во ЕУ не е срушен. На иста линија е и Претседателот Пендаровски, за кого нема алтернатива за членството во Европска унија, а идеите за алтернативи за евроинтеграцијата треба да бидат отфрлени. Евроинтеграцијата е без алтернативна и за лидерите на политичките партии во Македонија.

Сите се колнат во ЕУ, а реаланоста е безмилосна. За нашите без алтернативни политички лидери. Можеби за Премиерот Заев сонот за членство во ЕУ не е срушен. Но, датум за отворање  преговори со Унијата нема. И, како што изгледа, нема да има подолго време. Тоа е кога слушаат да не разберат. Нивната тенденцијата е да се игнорираат очигледни работи и да се преправаат дека тие не постојат. Подобро е да се пикне и закопа главата длабоко во песокот, одошто да се соочат со реалноста. Онаа што не сакаат да ја видат.

Онаа во која францускиот претседател, Емануел Макрон ги блокираше преговорите со Македонија и Албанија за членство во Унијата и порача дека полноправното членство на ЕУ не треба повеќе да биде единствената политика кон земјите од соседството на ЕУ, доведувајќи ја во прашање европската иднина и перспектива на земјите од западниот Балкан, дадена во Солун во 2003. За него проширувањето не е единствената политика кон соседството. Понуди „стратешка агенда“ за Македонија, но не нужно и членство во ЕУ. Тој ги затвора вратите на Унијата, а ние друга алтернатива немаме.

Како да очекуваш земјава да има алтернативи со вулканизер аналитичари и стерилна и сервилна дипломатија. Да беше поинаку Заев и Пендаровски ќе знаеа дека кризата што ја поминува Европската Унија денес не е ништо друго освен прилагодување на проект што повеќе не одговара на потребите на денот како што треба, и затоа има потреба од негово реновирање. Она што го прави овој момент на обнова на Унијата, а се разликува од претходните, е дека насоката на интеграција е повеќе дифузна сега, отколку во минатото. Во тој процес за Македонија и регионот нема место. Камо некој во владата и МНР да читаше, ќе знаеше дека европејците со тонирање на реториката на нивните вредности меѓу себе и со прифаќање на поголем спектар на алтернативни пристапи во рамките на нивниот интегриран клуб, ќе бидат поефикасни во зачувувањето на јадрото на нивните вредности во ерата на политичката глобализација.

Европејците имаат многу што да загубат во политичката глобализација, поради нивниот животен стил, кој е тежок за одржување и одбрана. Очигледно е дека подолг временски период европејците  се влезени во натпревар во процесот на политичката глобализација и се обидуваат да придонесат за глобалниот поредок. Во политичката глобализација, дури и големите европски земји како Германија, Велика Британија и Франција се само фусноти. Заедно и реформирани тие би можеле да имаат шанса да направат разлика. ЕУ мора да го изнесе тој проект. Ако попушти ја губи шансата да биде глобален играч. Затоа е реформата. Чија длабочина ниту ја разбравме, ниту можевме да ја видиме.

Ама затоа оркестрирано ќе се плука по францускиот претседател Макрон. Најлесно е да плукаш и навредуваш. Кога си интелектуален евнух. А, толку беше предвидлив и очекуван  чекорот на Емануел Макрон кон проширувањето на Унијата. Очигледно не за сите. За нив, убаво би било да знаат дека Претседателот Макрон дефинитивно е еден од најинтересните политичари во Европа во моментов. Чиј начин на кој го користи популизмот против популистите го покажува неговиот политички талент и, популизам. Во надворешната политика, францускиот претседател се соочува со многу помалку внатрешни ограничувања од повеќето демократски лидери во Европа. Тој сè уште може да работи како крал од осумнаесеттиот век. Со идеи и енергија, од кои тој има многу и може да направи многу.

Камо нашиве разочарани политички лидери, (што се однесуваат ко „напуштени принцези“) да имаа сериозни анализи, ќе знаеја дека му се може. За она што ни го направи. Тој во моментов нема голема конкуренција во Европа. Ангела Меркел е во залез од нејзината кариера, Велика Британија е блокирана од Брексит, Италија е запрена од нефункционалните коалиции, а Шпанија не е во состојба да состави трајна влада. Затоа Макрон веќе подолго време повикува да се изгради обновена ЕУ, за што не е осамен, но ние одбиваме да го видиме тоа. Во време кога Канцеларката Меркел избра да биде помалку видлива во европските процеси на реформа, Макрон ужива во својата нова улога: да биде нов лидер на надворешната политика во Европа? Па сега продолжете да го правите она што најдобро знаете. Да плукате и навредувате.

Не можам да се начудам на дилетантизмот и непознавање на надворешната политика. Да имаше кој да го анализира говорот на  претседателот Макрон во Сорбона минатата година, ќе се знаеше дека во него беа содржани скоро 50 идеи за реформа на Европа, од кои многу се договорија сега. Во ниедна од нив немаше место за нас. Но, затоа за Заев и Пендаровски битни беа ветувањата. Дека ќе добиеме датум за преговори. Име за датум. Име дадовме, датум не добивме. Некој да разбираше надворешна политика ќе го знаеше едно од најкористените клишеа во современата американска дипломатија на Роналд Реган, користено во контекст на студената војна: верувај но провери. Поточно, државата треба да биде подготвена да постигне договори со своите противници, но само доколку е сигурна дека другата страна ќе ги исполнува своите обврски. Зашто државите според зборовите на Ниче се најладнокрвните од сите„чудовишта“. Во надворешнта политика тие се безмилосни.

Ова ме потсети на ултиматумот на Атињаните упатен до Мелианците, кои биле под опсада и за која ситуација Атињаните не сакале да морализираат, велејќи дека: „силните го прават она што можат, а слабите патат од она што мораат“.

Прашањето е: дали моравме?

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес