Инцидент во Египет: Балон со 28 туристи излетал од курсот – прекинати летовите над Луксор

Египетските власти ги прекинаа летовите со балон на топол воздух над градот Луксор, откако утрово двајца туристи беа полесно повредени за време на возењето, јавува АП.

Според соопштението на Министерството за цивилно воздухопловство, балонот со 28 туристи излетал од курсот, но успеал да слета. Две лица се повредени и се пренесени во болница каде им е укажана помош, се додава во соопштението, во кое, сепак, не е наведено како дошло до повредите, ниту пак е соопштена националноста на повредените туристи.

Од Министерството соопштија дека летовите со балони нема да продолжат додека истрагата не ја утврди причината за денешниот инцидент.

Балонот со топол воздух над Луксор, кој се наоѓа на 510 километри јужно од Каиро, е популарна туристичка атракција, а туристите можат да ги погледнат античките храмови лоцирани во Луксор.

Инцидентите со балони не се невообичаени. Балон со топол воздух кој превезувал патници се урна во близина на Луксор во 2013 година, при што загинаа 19 туристи, што е најсмртоносниот инцидент со балон со топол воздух во Египет.

Малку порано, во 2009 година, 16 туристи беа повредени кога нивниот балон удри во репетитор на мобилен телефон.