Инцидентот со дронот може да го измени ставот во САД за помошта на Украина

Инцидентот со американското беспилотно летало MQ-9 над Црното Море може да ја зајакне поддршката меѓу Американците на ставовите дека скапата воена помош на Украина не е прашање од национален интерес на САД, се наведува во прилогот на CNN.

Во прилогот се истакнува дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговиот веројатен ривал за републиканската номинација на претседателските избори во 2024-та гувернерот на сојузната држава Флорида, Рон Десантис, во вторникот во анкетата на телевизијата Fox News, беа согласни дека помагањето на Украина во војната против Русија не е дел од „виталната“ програма на САД.

„По инцидентот со дронот, предупредувањето на Трамп дека само тој може да ја спречи третата светска војна и главниот аргумент на Десантис дека спасувањето на Украина не претставува основен безбедносен интерес на САД, веројатно ќе добие поголема поддршка“, се наведува во прилогот на CNN.

Инцидентот претставува чекор кон „сценариото од кое сите стравуваат“, односно директен судир меѓу американските и руските сили, се додава во прилогот.

Станува збор за инцидент којшто, се чини, е остварување на предупредувањата на Москва дека западната воена техника која ѝ помага на украинската војска во операциите на боиштето ќе биде цел на руските одбранбени средства.

Истовремено во средата портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на редовниот брифинг со новинарите одговори дека рускиот претседател Владимир Путин бил веднаш известен за инцидентот со американскиот шпионски дрон над Црното Море. Додаде дека поради тоа немало никаков „контакт на високо ниво“ меѓу Москва и Вашингтон.

„Нема што да се додаде на соопштението од Министерството за одбрана, тоа беше доволно сеопфатно. Ги опишува околностите околу инцидентот“, рече Песков.

Според руската страна, ловците ниту го користеле оружјето, ниту имале физички контакт со американското шпионско летало кое се движело кон руските граници со исклучени транспордери, уреди за идентификација на леталата, и наеднаш ја загубило височината и при остар маневар паднало во морето.

Според американската команда, пак, двата руски ловца „Су-27“ неколкупати опасно маневрирале околу дронот, испуштиле гориво врз него, а еден од авионите удрил во пропелерот на леталото, по што американската војска била принудена да го собори во водата.

Песков ја истакна „очајната состојба“ во билатералните односи со САД, посочувајќи дека Русија не се откажала и нема намера да се откаже од „конструктивниот дијалог“. Портпаролот на Кремљ на новинарско прашање одговори и дека не е планиран нов бран мобилизација.

Воздухопловните сили на Украина, пак, по вчерашниот инцидент го поддржаа претходно распоредување на американски разузнавачки беспилотни летала во базите во земјите членки на Црното Море – Романија и Бугарија.

„Црното море не е внатрешно море на Русија. Русите го окупираа и Азовското Море и го сметаат за нивно“, изјави вчера вечерта на телевизија портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Ихнат.

Членките на НАТО, вклучувајќи ги Турција и Романија, исто така имаат пристап до Црното Море, поради што американските беспилотни летала функционираат таму легално, додаде тој.

Москва објаснува дека руските ловци забележале американско беспилотно летало како се приближува до руската граница во „областа на полуостровот Крим“. Се наведува и дека дронот летал „со исклучени транспондери и дека го „прекршил привремениот режим на користење на тој воздушен простор воспоставен поради специјална воена операција“ во Украина.

Амбасадорот на Москва во Вашингтон, Анатолиј Антонов, го нарече инцидентот „провокација“, велејќи дека урнатиот американско беспилотно летало оперирало илјадници километри далеку од САД, во близина на руската граница. Дронот собирал податоци за украинските вооружени сили со цел да изврши удари против Русија, што е „недозволива активност“, рече Антонов.

„САД се повикаа на меѓународното право што дозволува операција над неутрални води. Нов американски дрон веќе е распореден на местото на несреќата“, изјави Ихнат во Киев.

Инцидентот, според Инхат, се случил во вторникот југоисточно од Змискиот остров во Црното Море (кој Русија го препушти без борба откако го зазема уште на првиот ден од нејзината инвазија во Украина). САД таму спроведуваа разузнавачки операции долго пред да започне целосната инвазија на Русија на 24 февруари минатата година, рече тој.