Индија бележи рекорд на новозаразени со корона веќе 12 дена по ред

Индија регистрира повеќе од 300.000 нови инфекции со коронавирус 12-ти ден по ред, со што вкупниот број достигна скоро 20 милиони заразени, а бројот на починати се зголеми за 3.417 лица.

Со 368.147 нови случаи во изминатите 24 часа, заразени се вкупно 19,93 милиони, а вкупниот број на смртни случаи од ковид-19 е 218.959, според Министерството за здравство.

Здравствените експерти велат дека вистинската бројка од 1,35 милијарди луѓе на национално ниво може да биде и 10 пати поголема од официјалните податоци.

Болниците ги исполнија нивните капацитети, има недостиг на медицински кислород, мртовечниците и крематориумите се поплавени поради огромното зголемување на бројот на заразени лица.

Најмалку 11 држави и федерални територии вовеле некаква форма на ограничување во обид да се запре заразата, но владата на премиерот Нарендра Моди, загрижена за економските последици, не е подготвена да воведе национално затворање.

„Според мое мислење, само одредба на национално ниво да се остане дома и да се прогласи итна здравствена состојба ќе помогне во решавањето на моменталните здравствени потреби“, напиша епидемиологот Брамар Мукерџи од Универзитетот во Мичиген на Твитер. “Бројот на активни случаи се акумулира, не само дневно со нови случаи. Дури и според пријавените државни податоци, активни се околу 3,5 милиони случаи”, рече епидемиологот.

Остриот пораст на бројот на заразени е најтешката индиска криза откако Моди ја презеде функцијата во 2014 година. Моди беше критикуван за тоа што не презеде чекори за спречување на ширењето на вирусот и за тоа што дозволи милиони луѓе, главно без маски, да присуствуваат на верски фестивали и преполни политички митинзи во пет држави во март и април.

Форум за научни советници основан од владата ги предупреди индиските власти на почетокот на март за нова и позаразна варијанта на коронавирусот што ја зафати земјата, изјавија петмина научници кои се дел од форумот за Ројтерс.

И покрај предупредувањето, четворица научници изјавија дека сојузната влада не се обидела да воведе големи ограничувања за да се запре ширењето на вирусот.

Останува да се види како управувањето со кризите на Моди ќе има политичко влијание врз неговата партија. Следните општи избори се закажани за 2024 година.

Партијата на Моди беше поразена во индиската држава Западен Бенгал според резултатите објавени вчера, иако победи во соседната држава Асам.

Лидерите на 13 опозициски партии вчера потпишаа писмо со барање Моди веднаш да воведе бесплатна национална вакцинација и, како приоритет, да ги снабдува болниците и кризните центри со медицински кислород.

Националниот оддел за здравство вели дека државите имаат на располагање 10 милиони дози на вакцина и ќе имаат уште 2 милиони во следните три дена.

Иако е најголем производител на вакцини во светот, Индија нема доволно за себе – што го нарушува планот за проширување на вакцинацијата. Само околу 9 проценти од 1,4 милијарди луѓе биле вакцинирани со првата доза.

Индија се бори да го зголеми капацитетот за повеќе од 80 милиони дози месечно поради недостиг на суровини и пожар во Институтот за серум каде што се произведува вакцината АстраЗенека.

Меѓународната помош пристигнува во Индија.Велика Британија ќе испрати уште 1.000 респиратори во Индија, соопшти владата.

Индиската варијанта на ковид-19 сега погоди најмалку 17 земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Швајцарија и Иран, што предизвика неколку држави да ги затворат своите граници за патниците од Индија.