Индија планира слободна трговија со економската унија водена од Русија

Индија планира создавање зона на слободна трговија со Евроазиската економската унија, изјави деновите рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Еврозаиската економска унија, чијшто лидер е Русија а ги опфаѓа поранешните советски републики Ерменија, Белорусија, Казахстан и Киргистан, има договори за слободна трговија со Египет и со Виетнам.

„Почетокот на преговорите за создавање на слободната трговија со Евроазиската економска унија и Индија е предвиден за есенва“, наведе во понеденикот Лавров во своите коментари.

Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот беше домаќин на индискиот премиер Нарендра Моди и во текот на состаникот ги пофали економските врски меѓу двете земји.

„Минатата година забележавме значителен пораст на трговијата“, заклучија двајцата челници во текот на средбата во Сочи. Путин притоа прецизирал дека трговијата пораснала за дополнителни 17 отсто во првите неколку месеци од годинава, покажуваат транскриптите на Кремљ.

Русија изминатите години се насочи на јакнењето на економските врски со Азија, откако нејзините односи со Западот заладија поради различните ставови за повеќето кризи во светот.