Индијана ја прекина серијата победи на Кливленд

Кошаркарите на Индијана Пејсерс ја прекинаа победничката серија на Кливленд Кавалирс во НБА лигата, откако ноќта кон саботата на домашен терен остварија победа од 106:102.

Индијана е прв тим со две победи сезонава против Кливленд кој имаше серија од 13 победи во низа. Најдобар играч на дуелот беше Виктор Оладипо, со постигнати 33 поени, од кои шест „тројки“ и 8 скокови. Пејсерс на последните 12 натпревари имаа девет победи.

Тесна победа забележа и шампионот Голден Стејт Вориорс на гостувањето кај Детроит Пистонс со 102:98 и серијата гостински натпревари на Источниот брег ја заврши без пораз со сооднос 6-0. Најдобар играч кај победникот беше Кевин Дурант со 36 кошови а поради повреда не настапи Стеф Кари.

Петтиот пораз сезонава по долгата низа победи го претрпеа и Бостон Селтикс, кои загубија на гостувањето кај Сан Антонио Спарс со 102:105/

Лидерот во Источната конференција Бостон има 22 победи, додека во Западната конференција првопласирани се Хјустон Рокитс со скор 19-4, а Голден Стејт Вориорс се вториот тим со повеќе од 20 победи, односно 21 триумф.