Индонезија ќе добие нов главен град, Џакарта е премногу загаден

Индонезија ќе изгради нов главен град во провинцијата Источен Калимантан на островот Борнео, изјави министерот за просторно планирање на земјата, Софијан Џалил. Претседателот Џоко Видодо минатата недела и официјално му предложи на парламентот преместување на главниот град од Џакарта, кој е премногу загаден и пренаселен со околу 10 милиони луѓе, во Калимантан, пренесе агенцијата АП.

Индонезиската страна на Борнео има пет провинции, познати по тропските шуми, орангутаните и резервите на јаглен.

„Да, локацијата ќе биде во Источен Калимантан, но уште не знаеме каде точно“, потврди Џалил.

Конечна одлука сè уште не е донесена, но за подобра поврзаност во архипелагот, главниот град би требало да биде на брегот.

Преселбата на административниот центар би чинела околу 33 милијарди долари, вклучувајќи ги и новите канцеларии за владата, како и домовите за околу 1,5 милиони државни службеници, чие населување се очекува да се случи во 2024 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.