Индустриското падна за 2,7 отсто, растот на економијата заглави

Фабриките сѐ помалку имаат работа, се намалува бројот на работниците во индустријата, платите тапкаат во место, во вториот квартал од годинава компаниите уплатија за третина помалку данок во однос на истиот квартал лани, даночните приходи забележаа пад од 3,4 отсто, за 32 отсто е помал данок на добивка во однос на истиот период лани…опаѓа градежништвото, со двоцифрени стапки на пад. Од  10 отсто во април и дополнителни 20 отсто во мај.

И последните податоци на Државниот завод за статистика, ДЗС, за индустриското производство покажуваат дека тоа во јуни годинава отиде во минус. Во споредба со истиот месец минатата година тоа е пониско за 2,7 отсто. Или, индексот на индустриското производство во јуни 2019 година, во однос на јуни 2018 година, изнесува 97.3.

Паднало производството во речиси сите сектори во преработувачката индустрија, а пред сѐ кај: прехранбените производи, производството на пијалаци, на тутунски производи, на облека, на кожа и слични производи од кожа, производство на метали,  на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема и кај производство на компјутерски, електронски и оптички производи. Во преработувачка индустрија  падот е 6.7%.

Значи, производството во минатиот месец е намалено во повеќе од 10 индустриски главни, гранки, на кои отпаѓа најголемиот процент од вкупното индустриско производство во земјава.

По сектори, во јуни годинава имало раст на индустриското во рударство и вадење на камен, во однос на јуни 2018 година, за 5.2%, кај енергијата, гас, пареа и климатизација за 34.3%, кај енергијата за 29.9% и кај трајни производи за широка потрошувачка за 2.6%, соопшти ДЗС.

Истовремено со лошите показатели за производството, намален е и бројот на работници во индустријата. Според последната статистика за во мај годинава, во споредба со мај лани, за 2,5 проценти е помал бројот на работниците во индустријата, а во периодот јануари – мај годинава, споредено со истиот период минатата година, тие биле помалку за 0,6 проценти.

Официјалните бројки покажуваат дека економијата влегува во криза, наспроти изјавите од владините претставници дека економија е на здрави нозе и зајакнува. На пример, премиерот Зоран Заев деновиве изјави дека економијата блеска, БДП е зголемен за над 40 отсто, позитивен е растот на платите, намалена е невработеност, вратена е довербата кај инвеститорите…„што покажува дека нашата економија е на добар пат, а владините политики даваат резултат“…рече тој и најави нов инвестициски циклус во земјава од пет милијарди евра.