Инфективна клиника и ГАК добија тестови за брза дијагностика на Covid-19

Министерството за здравство информира дека тестови за брза дијагностика на присуство на вирусот Sars-Cov-2 се распределени и почнуваат да се користат во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

Овие тестови иако се ПЦР метода, не се истите кои се користат во лабораториите за рутинско тестирање од ковид. Наменети се за брза детекција на вирусот кај пациенти кои се суспектни на ковид, а на кои им е потребна одредена интервенција.

Тестовите за брза дијагностика овозможуваат веднаш после тријажата и добивањето на резултатот за само 40-тина минути да се пристапи кон соодветната интервенција кај пациентот.

Брзите тестови веќе се употребуваат на Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, со што значително се олеснува работата на медицинскиот кадар.

Со брз ПЦР тест на ГАК ќе се тестираат родилките и на овој начин, веднаш ќе се знае дали родилката треба да биде пренесена на одделението за изолација.  Клиниката за гинекологија и акушерство веќе ја поседува и потребната опрема за обработка на материјалите, истата која се користи за детекција на ХПВ вирусот.

Истовремено од министестството за здравство информираат дека во изминатиот период, во Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“ интензивно се работи за подобрување на инфраструктурата. Направени се неколку реконструкции, корекции и изработка на решенија за подобра експлоатација на инфраструктурата.

Реконструирана и рехабилитирана е постоечката улична мрежа. Проблемот со влезовите и излезите од комплексот кон градските улици е целосно решен.

Поставена е вертикална и хоризонтална сигнализација за правилно насочување на сообраќајот. Обележани се пешачките зони, поставено е ново улично осветлување. Проширени се тротоари. Создадени се услови за движење на возила за итна медицинска помош, патеки за посетители и лица со медицински помагала и велосипеди.

Извршено е хортикултурно уредување на парковите и јавните простори низ комплексот. Поставена е нова урбана опрема: клупи, фонтани/чешми, ниско и високо зеленило.

Во непосредна околина на Унивезитетската Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во кампусот на Клинички центар Мајка Тереза – Скопје интервентно е расчистен теренот од старите, диво – вселени објекти во близина на инфективна клиника, старите бараки Медицинар. Со ова, се оформи и директен пристап до инфективната клиника од ул. „Белградска“, со цел да се сепарира движењето на пациентите со симптоми на Ковид-19 од останатите пациенти кои влегуваат на главната капија на Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“.

Овој месец се пушти во употреба и монтажната модуларна болница за потребите за дополнување на болничкиот капацитет на инфективната клиника.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.