Инфективните одделенија добија 51 млад лекар

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска се сретна со младите лекари, од кои 51, од тие што добија лиценца за работа во јули, годинава, ќе бидат ангажирани на инфективните одделенија и клиники за третман на пациенти со ковид-19. Новите лекари ќе бидат ангажирани со договор на дело со 30.000 денари месечно платена пракса.

– Поголем дел од младите лекари, односно 51, од тие што добија лиценца за работа во јули, годинава, веќе се пријавени за вработување во инфективните одделенија и клиники за третман на пациенти со ковид-19, а паралелно со тоа веќе е обезбеден буџет за нивно ангажирање во здравствените установи. Работата во траење од шест месеци се спроведува во јавните здравствени установи, како што се здравствени домови и општи болници со проширена дејност, што вршат дејности и на примарна здравствена заштита, во дејностите на итна медицинска помош и домашно лекување, превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца и поливалентна патронажа – истакна Филипче.

Тој додаде дека во тек се и други активности кои ќе ја подобрат работата со пациентите, следењето на новините во медицината и практичните искуства. Се разгледува и можноста за воведување тест со теоретско знаење, пракса и евалуација на личност, што во моментов го нема кај нас, а е потребно.

Со законската измена на законот за здравствена заштита, донесен во јануари, минатата година, за првпат се овозможи секој млад доктор, по стекнувањето лиценца, веднаш да влезе во системот на примарна здравствена заштита за работа со пациенти во рок од шест месеци со месечен надомест од 30.000 денари.