Сите се прашуваме: од каде ни дојде инфлацијата? Дали државата и Народната банка требаа порано да делуваат? Дали ова сега што се случува не е производ и на некои претходни политики? Дали касниме со стабилизацијата на инфлацијата? Одговорот на првото прашање е дека инфлацијата е увезена и домашно создадена, а одговорот на проследните три прашања е чисто ДА. Едно е што увезовме, друго е што можеа – а не превенираа, а трето е што домашно создадоа.
Кога сака некој да ги прикрие своите ненавремени политики најлесно е да се оправда со фактот дека на увезените фактори не можеме да влијаеме. Владата и НБРМ во континуитет велат дека инфлацијата е чисто увезена, дека растот на увозните цени на храната, на нафтените деривати и на електричната енергија се пренесе врз домашните цени, додека домашните фактори не ја предизвикаа инфлацијата. Инфлацијата, според домашните власти е исклучиво заради растот на трошоците за производство кое се пренесува врз финалните цени (на англиски е cost push inflation), а не е резултат на растот на агрегатната побарувачка или на домашната подарувачка (на англиски demand pull inflation). Каков е нивниот став за тоа дали е движена од инфлациските очекувања, третиот фактор за инфлација, не ми е познат. Според мене, инфлациските очекувања и пред војната во Украина беа зголемени, односно имавме започнат тренд на саморазгорувачка инфлација.
Инфлацијата кај нас започна порано од инфлацијата во еврозоната, како резултат на порастот на цените на храната (особено на маслата и мастите) и на порастот на цената на електричната енергија после избори во 2020 година. Базичната инфлацијата, којашто ја исклучува енергијата, течните горива и непроцесираната храна, и којашто е мерка за долгорочната и постојана компонентна на инфлацијата започна умерено да расте уште за време на пандемијата во 2020 година, а доби на интензитет од април 2021 година. И сега кои се петте домашни фактори за високата и растечка инфлација.
Прв домашен фактор – растот на трошоците за труд по едница производ. Кога зборуваат дека инфлацијата е условена од растот на трошоците за прозводство мислат на цените на суровините за производство, како што се цените на примарните производи (цените на пченицата, на пченката, на сончогледовото масло), потоа на цените на електричната енергија, нафтените деривати и гасот. Но, никаде не видов став како го оценуваат интензивниот раст на трошоците за труд, којшто е исто така трошок за производство. Трошоците за труд интензивно растат во подолг временски период, како резултат на растот на бруто платите во услови кога продуктивноста на трудот се намалува. Ова е домашен фактор којшто чисто зависи од домашните макроекономски политики кои не ја подобруваат продуктивноста во економијата. Дали овој раст на трошоците за труд се пренесе врз финалните цени во ново настанатите услови? Трошоците за труд по едница производ во 2021 година се повисоки за 35% од нивото во 2016 година, додека продуктивноста на трудот во 2021 година е пониска за 4% од нивото во 2016 година! Овој кумулативен раст на трошоците за труд и кумулативен пад на продуктивноста некаде и некој го компезира. Владата со пари од буџетот или приватниот сектор преку раст на финалните цени? Како и да е, трошокот за економијата е голем!
Втор домашен фактор – историско ниско домашното производство на електрична енергија. Преносот на енергетската криза во Европа, којашто започна од втората половина на 2021 година и доби на интензитет при крајот на годината (и добива уште повеќе со ново настанатата геополитичка ситуација), немаше да биде голем ако произведовме домашна електрична енергија како некогаш. Бруто домашното производство од термоцентралите и хидро централите во ноeмври и декември 2021 година покриваше 33,6% и 44,8% од вкупната потрошувачка на електрична енергија, додека историскиот месечен просек е 61,5%. Затоа, имавме потреба од увоз, чијашто цена беше исклучително висока во последното тримесечје на 2021 година. Директниот трошокот за економијата беше голем, потрошени вкупно 170 милиони евра пари од буџетот што е девизен одлив од економијата, а индиректиот уште поголем – пренесен врз инфлацијата. Како понатаму? Ќе бидат ли спремни за новата енергетска криза?
Трет домашен фактор – без реакцијата со стоковите и нафтените резерви. Една од функциите на стоковите и резервите на нафтени деривати е да се активнираат и пуштат во употреба при поголеми нарушувања на пазарот. Растот на цените на примарните производи – пченица, пченка итн., започна уште од почетокот на пандемијата со Ковид-19, а растот на цената на нафтата од средината на 2021 година. До сега ако се пуштеа стоковите и нафтените резерви Владата ќе ги неутрализираше нарушувањата на пазарот кои ги вивнаа цените на високо ниво. Сега кога цената на нафтените деривати се менува на дневно ниво, нели беше подобро да се реагира со резервите на нафтените деривати за да имаме стабилни цени? Трошокот за економијата е голем и ќе се пренесе и понатаму врз инфлацијата. А како понатаму? Дали навистина се полни стоковите резерви и резервите на нафтени деривати? Што е подолгорочната стратегија за домашно производство на пченица, пченка и други основни прехрамбени производи, која е стратегијата ако немаме пристап до снабдување до нафтени деривати? Светот е влезен во исклучително неизвесна иднина.
Четврт домашен фактор – ненавремена реакцијата со даночната политика. На увезените цени не можеме целосно да влијаеме, но со одредени мерки можеше да го неурализираме нивниот висок раст. Во средината на минатата година викаа дека инфлацијата е под контрола, дека нема простор за загриженост. Наспроти нив, опозицијата прва кажа за замрзнувањето на цените, за сведување на стапката на ДДВ кај електричната енергија од 18% на 5%, за намалување на стапката на ДДВ за храна од 5% на 0% и за преполување на акцизата на нафтените деривати. Владата за сѐ закасни. Реакцијата кога цените се до плафон не иста со реакцијата кога цените почнуваат да растат! НО, можеби ако реагираше тогаш Владата немаше да има приходи од околу 70 милиони евра во буџетот заради растот на инфлацијата (зголемени приливи од ДДВ, увоз и акцизи), што пак им користеше за покривање на исклучително висока јавна потрошувачка. Трошокот за економијата е голем, сите го чуствуваме.
Петти домашен фактор – ненавремена реакција на централната банка за зауздување на јавната потрошувачка. Последните податоци за Бруто домашниот производ за 2021 година од Државниот завод за статистика (ДЗС) како и податоците за реализацијата на буџетот на 2021 година покажаа дека и домашната побарувачка одиграла улога во разгорување на инфлацијата. Домашната побарувачка, која е збир од три агрегати: приватната потрошувачка на домаќинствата, јавната потрошувачка на државата и бруто инвестициите била висока, особено во последното тримесечје на годината. Приватната потрошувачка била значајно засилена и забележала годишен раст од 5,7%, со што го надминала и предкризното ниво за овој квартал (за 1,7% повисока од нивото од последниот квартал на 2019 година). Дека приватната потрошувачка растела покажува и производната страна на БДП, според која трговија на големо и мало има висок годишен реален раст од 9,2%, со што се надминало и предкризното ниво (за 7%). Јавната потрошувачка пак била годишно повисока за 6,5%, а од предкризното ниво за високи 9,8%. Во последниот квартал на 2021 година немавме никаква реализација на антикризни мерки. Трансферите кон ЕСМ не треба да се евидентираат како јавна потрошувачка, а истите ја пополнуваа неспособноста на Владата, којашто заради подпросечното домашно производство на електрична енергија мораше да реализира увоз по високи цени. Затоа овие трансфери никако не се стимулација за економијата, туку се одлеани девизи за увоз. Но затоа пак трошењата за стоки и услуги на Владата во последното тримесечје на 2021 година номинално годишно растат за високи 47% или реално (прилагодени со инфлацијата) за 41%!!!
Зошто тогаш во услови на притисоци од домашната побарувачка и при веќе растечка инфлација немаше реакција од централната банка? НБРМ треба да реагира кога има притисок од страна на побарувачката за да ги стабилизира цените. Оправдувањето дека инфлацијата е само увезена и предизвикана од растот на трошоците за производство ја демантираат објавените бројки од ДЗС. Според нив домашната побарувачка создавала притисок врз цените, што можеби е причина што имаме повисока инфлација од еврозоната. Дали тековните состојби покажуваат дека затегањето на монетарната политика за стабилизација на побарувачката, а со тоа и на инфлацијата е закаснета мерка? Дали на НБРМ и бил императив да обезбеди и понатаму поволна клима за ефтино финансирање на Владата којашто недисциплинирано и неконтролирано за цел овој период се задолжува на домашниот пазар (и на странскиот пазар), а притоа никако не ја стабилизира економјата? Само да потсетам потрошивме 1,6 милјарди евра нов јавен долг во две пандемиски години, а доживеавме најдлабока рецесија од 6,1% во 2020 година во поновата македонска историја (двојно подалбока и од интерниот воен конфликт во 2001 година). Растот од 4% за 2021 година допрва ќе видиме дали е таков!
Трошокот за економијата е голем, тоа убаво го знаат сите!
Автор: Маја Кадиевска Воjновиќ за НетПрес