Инфлацијата стигна 20%, Народната банка ја зголеми основната каматна стапка на 4,25 отсто

Народна банка ја зголеми основната каматната стапка за дополнителни 0,75 отсто и сега таа изнесува  4,25 отсто. За истиот процент се зголемни и каматните стапки на кредитот преку ноќ, расположливите депозити преку ноќ и на седум дена.

Од банката информираа дека Советот на Народната банка одлучил да ги промени и стапките на задолжителна резерва на банките, за натамошно стимулирање на штедењето во домашна валута.

„Измената на овој инструмент, којашто е четврта по ред оваа година, опфаќа зголемување на стапката на задолжителна резерва на банките за обврските во странска валута од 18 на 19 отсто. Зголемен е и делот од задолжителната резерва во странска валута којшто банките го исполнуваат во евра, од 75 на 77 отсто, со што се зајакнува ефектот од промената во овој инструмент. Се очекува дека со мерката ќе се засилат започнатите промени во каматната политика на банките и дека банките ќе понудат поповолни камати за сите категории денарски депозити, придонесувајќи за посилен раст на штедењето во домашна валута. Истовремено, со оваа промена би се придонесло за оптимално управување со ликвидноста“, информира Народна банка.

Промените во поставеноста на политиката на Народната банка се реакција на зголемените ценовни притисоци.

„Инфлацијата во последните месеци забрза, за што растот на цените на храната има најголем и растечки придонес. Тоа го нагласува влијанието на увезените ценовни притисоци од храната и енергијата врз домашната инфлација, врз коишто монетарната политика нема директно влијание. Сепак, имајќи ги предвид преносните ефекти и подигнувањето на инфлациските очекувања, овие поместувања во инфлацијата наметнуваат потреба од монетарна реакција. Со оглед на врзаноста на нашата валута со еврото, при одлучувањето влијаат и промените во монетарната политика на Европската централна банка“ се наведува во соопштението.

Банката оценува дека стапката на инглацијата која октомври достигна 19,8 отсто, во целост се должи на порастот на цените на одредени типови прехранбени производи на домашниот пазар. Со тоа, просечната годишна инфлација во периодот јануари – октомври 2022 година изнесува 13,2 отсто, од кои и натаму три четвртини се должат на растот на цените на прехранбените производи и на енергијата.

Со полседните мерки кои ги презеде, Народната банка, велат оттаму се задржува континуитетот на затегнување на монетарната политика користејќи поширок сет монетарни инструменти, коешто започна уште од крајот на минатата година, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и на среднорочната ценовна стабилност.

„Уште минатата година Народната банка преку интервенции на девизниот пазар и други инструменти активно управуваше со ликвидноста. Од април па наваму постојано се зголемува основната каматна стапка, а дополнително се направени промени и кај депозитите преку ноќ и на седумдневните депозити. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва насочени кон намалување на евроизацијата, како и со системски мерки, односно со воведување противцикличен заштитен слој на капиталот од 0,5 отсто, со што дополнително се јакнат заштитните механизми во банкарскиот систем“, наведуваат од НБ.