Инфлацијата во Швајцарија благо забрзала во февруари

Инфлацијата во Швајцарија благо забрзала во февруари, достигнувајќи го највисокото ниво во последните шест месеци, поддржана од растот на цените на храната и енергијата, соопшти заводот за статистика.

Индексот на трошоците на животот (CPI) покажал раст на цените од 3,4 отсто во февруари во однос на истиот месец минатата година, по растот од 3,3 отсто во јануари, покажуваат податоците на Федералното биро за статистика.

Така, годишната инфлација достигна највисоко ниво од август 2022 година.

Зајакнувањето на годишната инфлација во февруари се припишува на растот на цената на храната и безалкохолните пијалаци, за 6,5 отсто. Цените за домувањето и енергенсите пораснале за 4,7 отсто, а транспортните за 3,9 отсто.

На месечно ниво, потрошувачките цени се зголемија за 0,7 отсто, по растот од 0,6 отсто во јануари, покажуваат податоците на Заводот за статистика, објавени во понеделник.

Нешто посилната месечна инфлација е резултат на повеќе фактори, меѓу кои растот на цените на авионскиот превоз, туристичките пакети и дополнителното сместување.

Базичната инфлација во февруари изнесува 0,8 отсто на месечно и 2,4 отсто на годишна основа.

Економистот на „Capital Economics“, Адријан Претејон, вели дека податоците за потрошувачките цени упатуваат на заклучокот дека инфлацијата нема да се врати на целените нивоа во скоро време, првенствено затоа што основните ценовни притисоци не покажуваат знаци на попуштање.

Затоа, тој очекува дека Швајцарската централна банка (SNB) на седницата во март ќе ја зголеми референтната каматна стапка за уште половина процентен поен, на 1,5 отсто. Зголемувањето во декември тие го образложија со сузбивање на зголемените инфлациски притисоци и ширењето на инфлацијата.

Централната банка предвидува дека потрошувачките цени годинава ќе пораснат за 2,4 отсто, по што нивниот раст следната година би требало да забави до 1,8 отсто.