Инфлацијата во Турција скокна на 70 отсто и е најголема од 2002 година

Годишната стапка на инфлација во Турција скокна на речиси 70 отсто во април, а остриот раст на цените направи за многу домаќинства да бидат недостапни и основните потреби, поради падот на куповната моќ.
Малопродажните цени се зголемија за 69,97 отсто во април во споредба со истиот период минатата година, што е најголем таков пораст во Турција од 2002 година, соопшти денеска Турскиот статистички институт.
Во март годишната стапка на инфлација во Турција изнесуваше 61,14%.
Во Турција критичарите ја обвинуваат економската политика на претседателот Реџеп Тајип Ердоган за скокот на цените, кој фаворизира намалување на каматните стапки за да се поттикне растот и извозот.
Турскиот лидер се противи на високите трошоци за задолжување, тврдејќи дека тоа предизвикува инфлација, спротивно на конвенционалното економско мислење.
Централната банка на Турција ја намали референтната каматна стапка од 19 на 14 отсто од септември 2021 година до јануари, и покрај високата инфлација.
Турската лира изгуби 44 отсто од вредноста во однос на американскиот долар минатата година.

Руската инвазија на Украина, која доведе до зголемени цени на гасот, нафтата и житото, ја влоши ситуацијата во Турција поради зависноста од увозот.