ССК: Усвоена иницијативата за намалување на казните

Усвоена е иницијативата на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) за намалување на казните кои беа закана за опстојувањето на бизнисите. Иницијативата е дел од мерките за унапредување на деловното опкружување доставени до Владата на Република Македонија во 2013 година.

Со измените во Законот за прекшоци, покрај промените во намалување на глобите се предвидува и воведување на можност за опомена со што се остава простор за едукација на стопанствениците кои недоволно ја познаваат регулативата во насока на отстранување на недостатоците. Веруваме дека измените на Законите за прекршоци, за општа управна постапка и за парнична постапка, што вчера ги донесе Собранието со двотретинско мнозинство, во многу елементи ќе ги подобрат условите за работа на стопанските субјекти, изјави Данела Арсовска, претседател на ССК.

Од ССК велат дека со воведување на принципот на нивелирање на санкциите согласно економската моќ на субјектите, како вкупни приходи, број на вработени, како и примена на информативна, едукативна, па дури потоа санкциона функција дека во голема мера компаниите ќе чувствуваат помал притисок при спроведување на одреден законски процедури.

Сојузот на стопански комори на Македонија е најголемата независна деловна организација, во која се здужени и успешно функционираат 9 грански комори од различни сектори.

Инаку, измените на Законот за прекршоци коишто предвидуваат намалување на казните и нивелирање на санкциите пред два дена беа изгласани од страна на пратениците во Собранието на Република Македонија.

Новиот Закон за прекршоци освен што предвидува драстично намалување на казните за прекршоците, тој предвидува и воведување на можност за опомена кон правните лица и трговците поединци.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека новиот Закон, кој предвидува драстично помали глоби за фирмите, претставува исполнување на уште едно предизборно ветување кое беше дел од програмата на последните парламентарни избори, но пред се со овој закон се излегува во пресрет на барањата и потребите на граѓаните и фирмите во Република Македонија при што се обезбедува принципот на правичност и намалување на трошоците за работата на фирмите.

 

Погледнете што предвидуваат новите законски измени.