Инклузивна танцова претстава ,,Пепелашка,“ во целосна организација на ЕУРЕКА

Можна ли е Пепелашка во новово време? Или Нова Пепелашка во старо време? Не мислите ли дека лице со попреченост е необичната Пепелашка во ова наше сурово време?

Денесека не очекува премиера на инклузивна танцова претстава ,,Пепелашка“ во целосна организација на „Еурека“, од идеја до реализација за прв пат во регионот. Главните ликови се лица со попреченост (Марија, Мики, Дени и Јована), а останати улоги се членови на танцово студио „Еурека“. Настанот ќе се отвори со 120 деца на сцена, членови на „Еурека“. Претставата ќе се одржи во МОБ на Голема сцена на денеска, 09.04.2019 со почеток во 20 00ч.

Токму релацијата лице „СО“ и лице „БЕЗ“ попреченост е основното врзивно ткиво на овој интересен сценско-драмски-танцувачки проект со млади  танчери од студиото „Еурека“ и лицата со попреченост.

Како да се зближиме? Како да си помогнеме? Како да се прифатиме? И зафаќајќи се тематски за ова сиже на познатата бајка, низ проектот ги поставуваме овие прашања и низ играта, танцот се обидуваме да дадеме одговори и да понудиме нов вид ИНКЛУЗИЈА. Не декларативна, не симболична, туку применлива, прифатлива, одржлива, зашто се базира на заемна желба на танчерите и актерите, на огромна љубов на едните – за танцување, на другите – за играње на сцена во нивните колички. За едните се најважни чекорите, за другите – тркалата на количките, но заедно се исполнуваат наметнатите задачи, се совладуваат многуте препреки на патот и рамноправно се освојува сцената.

Новата Пепелашка е фрлена во ново време, а преполно со омраза, завист, љубомора како и во старото време, со кои нема помирување, туку вечна борба со злото. Нашата Пепелашка веќе не е кревка, плашлива девојка, туку храбра, силна личност, подготвена за најразлични предизвици, не само на сцената, туку применливо искуство и во животот. Сонот да танцува, да игра, да пее, и на сцена и во животот, не може да го прекине ни отчукувањето на часовникот.

Без оглед на различните способности на лицата со попреченост, низ оваа сценско уметничка форма, успеваме да ја покажеме вредноста на човекот, да ја промовираме толеранцијата, хуманоста, емпатијата и љубовта кон човечкиот род.

 

Сценарио и кореографија: Катерина Јолакоска
Асистент кореограф: Елена Чекова
Фрагменти од кореографија: Јана, Иван, Теа
Уметнички директор: Катерина Јолакоска
Режија: Снежана Конеска Руси
Најава: Ирена Спировска
Стручен тим
Дефектолог: Јелица Салтирова
Педагог: Даниела С. Кочијева
Во главните улоги:

Пепелашка: Марија Савеска
Принцот: Мики Стојановски
Маќеа: Теа Тодорова
Сестри на Пепелашка: Елена Чекова и Стефани Кралевска
Самовила: Ивана Чепуњоска
Пријатели на Пепелашка: Дени Жерновска, Јована Јовановска, Ања Јолакоска, Петра Кантурска
Мајка на Пепелашка: Теодора Јолакоска
Додворувачи на принцот: Наде Андова и Тамара Богатиновска

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.