ИНРЕКОМ: Пратениците да ги повлечат предложените измени на Законот за медиуми

Институтот за развој на електронски комуникации ИНРЕКОМ укажува на недостатоци на Предлог законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и ги повикува пратениците да го повлечат, поради, како што објави денеска, неговата сложеност и недореченост во пресрет на предвремените парламентарни избори во државава.

ИНРЕКОМ преку соопштение апелира ваков важен закон, кој опфаќа посебна тематика, односно Поглавјето 10 кое се однесува на информатичкото општество и медиумите, да не се донесува избрзано, особено не во скратена постапка.

– ИНРЕКОМ препорачува овие измени да се остават за следниот парламентарен состав, а  тие да подлежат на широка дебата во која ќе бидат вклучени засегнатите страни како што се: претставници од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги – АВМУ, телекомуникациските оператори, самите медиуми и медиумски групации, здруженија на медиумите и синдикати на медиумски работници, како и други чинители од невладиниот сектор и општествената сфера. Потсетуваме дека предложените измени на Законот, беа неприменливи во пракса – на што реагираа и самите оператори на телекомуникациски мрежи, стои во соопштението.л