Инспекторат за животна средина: Наскоро ќе се чисти линданот од малата депонија во ОХИС

Чистењето на малата депонија со линдан се очекува да започне наскоро, по доцнење од неколку месеци, информира  Инспекторатот за животна средина откако деновиве направи контрола на компаниите кои работат во кругот на поранешен ОХИС.

– Инспекторатот ќе врши редовен надзор над спроведувањето на чистењето – велат од Инспекторатот.

Тимови на Инспекторатот извршиле контрола на компаниите кои работат со опасен отпад во кругот на ОХИС и не нашол пречекорувања во нивното работење.

Во надлежност на инспекторатот во оваа индустриска зона  се 6 инсталации, од кои една со А-интегрирана еколошка дозвола (НЈСК ХОЛДИНГ, за производство на масло од канабис), а другите се главно компании што вршат складирање на опасен и неопасен отпад. Направен е надзор над три субјекти: Еко-центар, Езо-тех и Галванотехна.

– При надзорот Еко-центар вршеше препакување на хемикалии од историското загадување, нивно припремање за извоз и финално отстранување во странство. Активностите се реализираат во согласност со План за празнење и преточување на опасни хемикалии, а со примена на мерки за заштита на работниците. Ќе се вршат дополнителни надзори за следење на емисиите при преточувањето – додаваат од Инспекторатот.

При надзорот на работата на Езо-тех, кој работи на собирање и транспорт на опасен отпад, се утврди дека на локацијата чува опасен индустриски отпад, преземен од правни лица во технолошките развојни зони. Отпадот што е складиран веќе неколку месеци, може на локацијата да се чува до три години, односно Езо-тех ќе мора да најде начин за негова преработка или третман во земјата или во странство.

Според наодите на Инспекторатот, компанијата „Галванотехна“ врши површинска обработка на метални производи и во моментот се подготвува за почеток на работа.

– Од технолошкиот процес се очекуваат отпадни води што ќе мора да се пречистуваат. Надлежен инспектор ќе изврши надзор по пуштањето во работа – велат од Инспекторатот.