Инспекторатите со поголеми овластувања, глобите за прекршителите и до 30.000 евра

Поголеми овластувања добиваат инспекциските служби за да се влијае на намалување на ширење на коронавирусот. Ова го овозможуваат измените што ги усвои Владата на седница на Законот за заштита на население од заразни болести. Усвоените измени ги опфаќаат и висината на глобата на прекршителите, кои ќе варираат зависно од големината на правниот субјект.

Со овие измени сите инспекциски служби добиваат нови поголеми овластувања за справување со прекршителите на КОВИД протоколите.

Претседателката на Инспекцискиот совет Филиповска – Грашкоска вчера информираше дека согласно согласно важечкиот закон за заштита на населението од заразни болести за непочитување на протоколите досега само ДСЗИ имаше овластувања да изрекува мерки, а останатите инспекциски служби можеа да поднесат кривична пријава за евентуално непочитување на протоколите согласно Кривичниот законик.

Со новите законски измени, како што рече, вакво овластување за изрекување на забрана за работа и изрекување прекршочен платен налог добиваат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт, но и сите инспекциски служби на централно и локално ниво.

-Секоја од овие инспекциски служби ќе врши надзор во сопственијот делокруг на работење така што ќе бидат опфатени сите релевантни субјекти, без разлика дали станува збор за угостителски објекти, превозници, производствени капацитети и слично, појасни таа.

Заменик-претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски на прес-конференција заедно со Филиповска-Грашкоска рече дека според новите имени висината на глобите ќе варира од големината на правниот субјект.

Измените предвидуваат за микропретпријатие кое прекршило некој протокол да се изрече глоба од 2.500 до 3.000 евра во денарска противвредност. За мало претпријатие е предвидена глоба од 5.500 до 6.000 евра. За средно претпријатие од 17.500 до 18.000 евра, а за големо претпријатие глоба во износ од 25 илјади до 30 илјади евра во денарска противвредност.

Предвидени се соодветни глоби и за одговорното лице на правното лице, кои се во различна висина.

„На овој начин очекуваме дека ќе се обезбеди ефикасност на санкцијата, а од друга страна ќе постои правичност, односно ќе им се даде можност на оние правни лица кои ги почитуваат протоколите и кои прават се да продолжат да си ја вршат својата работа, а оние правни лица кои нема да ги почитуваат протоколите да бидат соодветно и навремено санкционирани без разлика кои се, каде се, Законот мора да се почитува“, потенцира Николовски.

Филиповска-Грашкоска рече дека донесените протоколи се важни за заштита на здравјето на граѓаните и апелираше до сите граѓани и правни субјекти да ги поочитуваат мерките за заштита од коронавирус.