Инспекторите на ДИЖС утврдија излевање на отпадните води од колекторскиот систем во Охридското Езеро

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) утврди излевање на отпадните води од колекторскиот систем во Охридското Езеро.

Инспекторите направиле контролата колекторот во текот пред два дена, откако до ДИЖС стигнала претставка од политичката партија Левица. Контролата тие ја правеле врз колекторот што ги носи отпадните води од населбите долж езерото, до станицата за пречистување во Враништа.

„Инспекторите извршија увид на делница на колекторот од препумпна станица ’Орце Николов‘ до препумпна станица ’Подмолје‘, посетувајќи ги и препумпните станици лоцирани долж оваа делница кај месноста Далјан и спортското игралиште. При увидот констатирано е дека четирите препумпни станици се функционални. Меѓутоа, поради дождовите, како и собирањето, односно одведувањето на фекалните и атмосферските отпадни води во заедничка, наместо одделна мрежа, кај инспекторираните станици утврдено е прелевање на отпадните води во езерото“, велат од ДИЖС.

Од Инспекторатот најавуваат дека ќе достават известувања до овластен инспектор, но и до општините Охрид и Струга, за да ја санираат секундарната канализација и да се направи издвојување на атмосферските и фекалните отпадни води.

„Заштитата на Охридското Езеро е со највисок приоритет и затоа општините и Јавното претпријатие ’Колекторски систем‘ мора да добијат финансиски средства за целосна реконструкција и санација на канализацијата, колекторот и пречистителната станица. Во меѓувреме овие надлежни институции ќе бидат задолжени од Инспекторатот да реализираат итни мерки што ќе придонесат да се намали излевањето на отпадните води во врнежливи периоди“, нагласуваат од ДИЖС.