Инспекторите не нашле неправилности кај матичните доктори на децата со дијабет

Извршениот инспекциски надзор кај матичните доктори на четирите деца хоспитализирани со дијабетес мелитус тип 1, утврдил дека на сите четири деца за прв пат им е дијагностициран дијабет по последното влошувањето на здравствената состојба поврзана со хоспитализацијата на клинките во Скопје, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и од Клиниката за детски болести.

„Во врска со случувањата од претходните денови кога за краток период имавме 4 случаи на деца со дијабетес мелитус тип 1 од внатрешноста , поточно две од Охрид, едно од Гевгелија и едно од Свети Николе, од страна на ДСЗИ извршени се вонредни инспекциски надзори кај матичните доктори на децата при што од увидот е констатирано дека сите четири деца за прв пат им е дијагностициран дијабет по последното влошувањето на здравствената состојба поврзана со хоспитализацијата на клинките во Скопје. Од првичниот увид во медицинската докуменација водена за децата, ДСЗИ костатираше дека сите посетите на децата кај матичените лекари како и посетите во останатите здравствени установи, воглавно се уредно евидентирани. Имајќи го предвид наведеното, водењето на децата од страна на матичните лекари како и од страна на здравствените работници во болничките установи, е согласно упатствата и протоколите за медицина базирана на докази“, велат оттаму.

Дијабетес мелитус тип 1 е, инаку, најчесто автоимуно заболување кое се карактеризира со деструкција на бета клетките на панкреасот при што доаѓа до комлетен недостаток на инсулин. Една третина од новодијагностицираните деца од дијабетес мелитус тип 1 се примаат во кетоацидозна состојба која бара интензивна терапија.

Децата обично пројавуваат симптоми на зголемен внес на течности, зголемено мокрење, зголемен внес на храна, слабеење и стомачни болки, една до четири недели пред да им биде поставена дијгнозата.

Македонија спаѓа во земјите со мала/средна инциденца во однос на појавата на дијабет кај деца. Во последните години постои тренд на зголемување на бројот на заболените кое е во согласност со светските трендови.