Инспекторите затворија 14 угостителски објекти кои работеле и покрај рестиктивните мерки

Шесте инспекциски служби во државава за една недела, од 12-ти до 18-ти мај, извршиле вкупно 2.895 вонредни инспекциски надзори за тоа дали се почитуваат препораките и мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, а најмногу контроли 1.566 направила пазарната инспекција, при што затворени се 14 угостителски објекти кои работеле спротивно на забраната.

„Инспекциите се спроведени во трговски објекти на големо и мало, како угостителските објекти, аптеки, бензински станици, банки, пошти и слично. Државниот пазарен инспекторат во овој период затвори вкупно 14 угостителски објекти, од кои 12 во Тетово, еден во Охрид и еден во Струмица. Утврдени се и пет прекршувања, од кои еден за непочитување на уредба од страна на банка, а останатите за неносење на лична опрема и непочитување на замрзнатите цени“, соопшти на денешната прес-конференција претседателка на Инспекциски совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.

Државниот инспекторат за труд при 682 надзори кај работодавачи по планиран распоред или по пријава на граѓани, издал 15 казнени решенија и 42 укажувања за работодавачи кои не постапиле по препораките за платено отсуство на родител на дете до десет години, самохран родител, бремени жени или хронично болни лица.

Агенцијата за храна и ветеринарство од вкупно 195 вонредни, издала 12 казнени решенија за неспроведување на контрола на штетници и заштита од нив, за лоши хигиенски услови и уште осум казнени мерки за непримена на заштитни мерки.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат извршил вкупно 286 надзори врз јавни и приватни здравствени установи, домови за стари лица и други правни субјекти во нивна надлежност, додека Агенцијата за лекови и медицински помагала МАЛНЕД извршила вкупно 52 контроли, при што не се констатирани специфични отстапувања.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.