Институтот за радиологија одбележа 75 години постоење

ЈЗУ Институт за радиологија – Скопје денеска во Музејот на македонска борба за самостојност одбележа 75 години од постоењето.

– Токму овој Универзитетски институт е референтен центар во националната скрининг програма, организирана и спроведена од Министерството за здравство. За таа цел, оваа институција обезбедува двајца радиолози и двајца радиолошки технолози. Од Министерството за здравство ќе биде обезбеден мамограф со томосинтеза и стереотаксична биопсија, како и ултразвучен апарат за дојка, кои секако ќе се користат и за редовно закажаните пациенти преку Мој термин, со цел подигнување на нивото и квалитетот на прегледот, истакна министерот за здравство, Беким Сали.

Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, рече дека денешниов ден претставува исклучително важен датум во календарот на историјата на македонското здравство, но и на развојот на високото образование и научната мисла во нашата држава.

– Преку постојаната комуникација со водечките европски и светски медицински факултети и универзитетски клиники, интенцијата е да се подигне квалитетот како на едукативната и научната дејност, и едновремено, перманентно да ја развиваме и усовршуваме и здравствената дејност, истакна Јанкуловски.

Медицинскиот директор на Универзитетскиот институт, д-р Антулеска – Белческа посочи дека здравствената дејност што ја вршат Медицинскиот факултет и Клиниката за радиологија е високо диференцирана и претставува столб на македонското здравство.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.