Интелектуалците гласни – Бугарија да престане со негирањето на македонската посебност!

Вкупно 85 истакнати интелектуалци од Македонија ѝ се обратија на јавноста со реакција по повод негирањето на македонската национална, културна и јазична посебност од страна на Бугарија.

– Во изминатиов период сме соочени со постојаното ангажирано негирање на македонските идентитетски обележја – народот, нацијата, јазикот, културата, од страна на владините и на државните институции на Република Бугарија со цел да се прикаже дека македонската нација е вештачка креација на Коминитерната и на Јосип Броз Тито, која како таква постои од 1945 година, и дека преку присилна пропаганда од тогашните комунистички власти „Бугарите“ во Македонија биле принудувани да се запишуваат како Македонци. Уште повеќе, со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се бара и прифаќање на т.н. заедничка историја со Бугарија, а воедно и откажување од македонското малцинство, кое таму живее со векови. Самиот факт што бугарската држава не ги признава македонската нација и македонскиот јазик зборува, во основа, за каков „пријателски“ договор се работи и што, во суштина, се крие зад тоа – целосно обезличување на сето она што е македонско – се вели во писмената реакција потпишана од 85 истакнати интелектуалци.

Меѓу потпишаните се и истакнати стручњаци во своите професии како Тодор Чепреганов, Митко Б. Панов, Јован Донев, Маја Ангеловска – Панова, Билјана Ванковска, Елка Јачева–Улчар, Лилјана Гушевска и други. Тие бараат признавање на македонското малцинство во Бугарија, но и промена на односот што нашите власти го имаат кон дијаспората.

– Го осудуваме ставот на претседателот на Владата на Р. Македонија дека интересот на македонската влада за состојбата на македонското малцинство во Р. Бугарија е мешање во внатрешните работи на таа земја, а дека застапувањето на бугарската влада и на бугарскиот претседател за правата на бугарското малцинство во Македонија и барањето за негово вметнување во Уставот не е мешање во внатрешните работи на Р Македонија. Нагласуваме дека не постои држава во светот која не се грижи за правата на своето малцинство во друга држава. Малцинствата секогаш претставуваат мост за соработка и за меѓусебно разбирање на народите – се вели во реакцијата.