Моменталниот интензитет на трансмисијата во Црна Гора е дури и поголем отколку што беше во италијански Бергамо на почетокот од пандемијата, тврдат црногорските епидемиолози.
Епидемиологот од црногорскиот Институт за јавно здравје, Дрган Лаушевиќ, изјави во програмата на јавниот сервис РТЦГ, дека разликата меѓу сегашната состојба во Црна Гора и ситуацијата во Бергамо на почетокот на пандемијата е во тоа што во Италија била зафатена постарата популација, додека новозаразените во Црна Гора се повеќето и помлади од 40 години.
„Во текот на минатата седмица процентот на позитивните достигнуваше и до 40 отсто од бројот на тестираните, тоа укажува дека интензитетот на трансмисијата е извонредно висок“, рече Лаушевиќ објаснивајќи го растот на бројот на заболените во Црна Гора во последните 14 дена во споредба со Германија.
„Доколку погледнеме дека во последните 14 дена во просек имавме околу 200 инфицирани дневно, тоа би значело еквивалент, кога би биле според бројот на жителите еднакви на Германија, дека ние во тие 14 дена сме имале околу 350.000 заразени. За споредба, Германија од почетокот на пандемијата во февруари регистирала 285.000. Ние за 14 дена повеќе отколку тие за цели седум месеци“, рече Лаушевиќ.
Додаде дека Црна Гора досега добро ја „бранела“ постарата популација, но потсети дека од пред двa дена вирусот влегол во дом за стари лица во Рисно, каде инфицирал десет корисници на домот и седум вработеми.
Здравствените власти во Црна Гора бележат повеќе од 10.000 заразени од почетокот на пандемијата или 1,5 отсто од вкупната популација во земјата и 169 починати од мар. Црна Гора бележи остар раст на бројот на заразените по парламетаните избори кон крајот на август кога и власта и опозицијата организираа масовно политички собири со повеќе десетици илјади учесници, а епидемиолозите оценија дека за неколку дена на црногорските улици на ваквите собири имали повеќе од 100.000 луѓе, или речиси петтина од вкупната популација на земјата.