Интензивни градежни зафати во Припор

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши увид во отпочнувањето на градежните активности за реконструкција на повеќенаменското игралиште во Теферич. Покрај реконструктивните активности на овој мултифункционален спортски објект, жителите на Припор ќе добијат и ново детско катче, а паралелно активно се одвива и големиот проект за санација на улиците, кој опфаќа обнова на патна мрежа на површина од околу 10 000 квадратни метри.

-Се наоѓаме во населбата Припор, во местото викано Теферич, каде за првпат после 20 години, започнуваме со целосно  реконстрирање на повеќенаменското игралиште. Се работи за градежен зафат кој на младите од овој дел на општината ќе им обезбеди безбеден и современ простор за спорт и рекреација. На мултифункционално спортско игралиште со површина од 700 квадратни метри, на кое се игра кошарка, фудбал и одбојка ќе ги реконструираме  трибините, ќе поставиме нова ограда и урбана опрема. Теренот ќе биде прекриен со лиена подлога во 3 слоја за подобра амортизација. Дополнително, овој простор кој по завршувањето на градежните активности очекуваме повторно да стане често посетена локација за одмор и разонода, ќе го доуредиме со содржини за најмладите. Новото детско игралиште на 100 метри квадрати, ќе го опремиме со нови реквизити и урбана опрема. Со други зборови жителите на Припор ќе добијат простор за одмор, за рекреација и спортување, изведен по сите современи стандарди.  Работејќи на унапредување на условите за жителите на општина Кисела Вода, сакам да информирам и за големиот проект за обнова на патната инфраструктура, кој тука во Припор опфаќа санација на улици со вкупна површина од околу 10 000 квадратни метри. Досега се завршени крак 21 од улицата Христо Татарчев, кракот 23 од истоимената улица, а асфалтирани ќе бидат кракот 24 што води кон маркетот “Дaвидoфф”, краците  21a, 22a, кракот 30, улицата кај црквата, додека кракот 25 од улицата “Христо Татарчев” ќе биде асфалтиран откако ќе завршиме со реконструкцијата на фекалната мрежа на таа улица. Значи, во одредени делови кадe што има потреба, паралелно работиме на подобрување и на подземната и на надземната инфраструктура и ова не се случува само во Припор, туку и во сите останати месни и урбани заедници низ општината, со цел да постигнеме рамнoмерен регионален развој-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, информирајќи за градежните активности кои во моментот се одвиваат и низ другите делови на општина Кисела Вода.

-Градежни зафати за обнова на патната мрежа на повеќе од 11 000 квадратни метри површина се одвиваат и во 11 Октомври Бараки,  неодамна исти вакви активности имавме во Усје на 15 000 квадрати метри, работиме и на улица “Вера Јоциќ”  во УЗ Цветан Димов. Во село Драчево на неколку позиции  работиме на изведба на нова водоводна мрежа и асфалтирање на улиците “Корџевска”, “Мишевска” и “Домазетовска”, како и на асфалтирање на улицата “Илија Ристевски” во месноста Порупи, каде претходно Општина Кисела Вода инвестираше во изградба на нова водоводна мрежа долга 1480 метри. На квалитетна вода за пиење, жителите на улицата “Илија Ристевски” и нејзините краци чекаа повеќе од 60 години. Паралелно работиме и во населбата Драчево каде ја реконструираме улицата “Малешевска” долга 1 км. Сумарно, во целата општина решаваме децениски проблеми со цел да го смениме имиџот на Кисела Вода која за жал во минатото беше синоним за лоша инфраструктура и за негрижа на одговорните, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.