Интензивни контроли во грчките кафулиња за спроведување на законот за забрана на пушењето

Од кафуле во кафуле, без најава и во придружба на полицајци, инспектори од Националниот орган за транспарентност контролираат низ Атина дали се почитува законот за забрана за пушење во затворени простории, но и дали сопствениците ги обезбедиле соодветните ознаки, согласно законот што неодамна започна да се имплементира во Грција.

Законот од јули 2009 неколку пати се гласаше и носеше, но никогаш целосно не стапи на сила. Сега, Владата на премиерот Кирајакос Мицотакис работи на комплетно спроведување, нешто што беше и негова предизборна заложба.

– Конечно ќе станеме Европејци, коментираат друштво млади Грци, кои велат дека со фактот што се непушачи со нетрпение очекувале конечно и во пракса, а не само на хартија, да се забрани пушењето во кафулиња, барови и ресторани.

Дописничката на МИА од Атина, ја следеше контролата на инспекторите во неколку кафулиња во строгиот центар на грчкиот главен град, кои не наидоа на прекршувања, со исклучок на еден случај каде што мораа да напишат казна бидејќи немало знаци дека е забрането пушење.

Сончевото и несвојственото топло време за овој период од годината им беше во прилог на сопствениците, а им ја намали и олесни работата и на инспекторите се оглед на тоа дека речиси сите седеа во надворешните делови на кафулињата.

Заедно со лиценцата за работа на кафулето или ресторанот, сопствениците треба да имаат и специјална книга со извештаи за пушењето, лепенки и ознаки во просторот дека е забрането пушењето, а токму за ова беа и главните контроли на инспекцијата, односно на тројцата претставници на Националниот орган за транспарентност и тројцата полицајци.

– Повелете, можете да си ја земете книгата со извештаи, треба секогаш да биде достапна за време на контролите, рече еден од инспекторите, по завршувањето на инспекцијата во едно од кафулињата.

Сопственичката за МИА вели дека од август до сега, инспекторите поминале најмалку пет пати, без да биде забележан или регистриран некој прекршок, но и не ја крие загриженоста дека во зимскиот период може да се намали бројот на гости.

– Сега помага и времето, внатре седат само непушачите. Сега сите се надвор, меѓутоа кога врнеше пред неколку дена, кафулето беше празно. Малку ме плаши целата ситуација и загрижена сум што ќе се случи кога времето ќе залади, вели Миермику Јоана, сопственичка на кафуле во центарот на Атина.

– Проверија дали постојат лепенки на видливи места дека е забрането пушењето во кафулето. Редовно вршат контроли. Мислам дека е прашање на време Грците да се навикнат. Во странство веќе со години се спроведува ова, вели Тасос Келмис, одговорен во едно од атинските кафулиња.

Сопствениците на кафулињата низ кои помина инспекцијата, за МИА велат дека гостите, иако се целосно запознати со законот, сепак влегуваат внатре, а откако ќе бидат известени дека е забрането пушењето, излегуваат.

Најавите се дека во иднина, контролите ќе се прошират и на ноќните клубови и популарните грчки „бузуки“, односно клубовите во кои настапуваат познати грчки пејачи.

Во вторникот, грчкиот премиер Мицотакис и министерот за здравство Василис Кикиљас, го презентираа Националниот акциски план за борба против пушењето, што има за цел намалување на пушењето до 2025 за 30 отсто.

Казните за оние кои нема да го почитуваат законот се особено високи, како за пушачите, така и за сопствениците на кафулиња, ресторани, клубови и останаи угостителски објекти.

За физички лица казните се од 100 до 1.500 евра во зависност од прекршокот, а за сопствениците од 500 до 10.000 евра.

Во исто време отворен е и телефонска линија на која граѓаните ќе можат да пријавуваат прекршувања на законот, а пријавите ќе бидат разгледани од надлежните власти за контрола – полицијата, дирекциите за здравство од перифериите, како и крајбрежната служба.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, во првите три дена од работењето, телефонската линија примила вкупно 1.045 повици, меѓу кои 274 пријави, 144 барања за помош за прекин на пушењето и 322 за општи информации за законот.