Интер докажа дека го заслужува второто место

124
Stadium in Bergamo, Italy, 01 August 2020. ANSA/PAOLO MAGNI

Фудбалерите на Интер го освоија второто место во Серија А, совладувајќи ја со 2:0 во директната пресметка за насловот вицешампион во последното 38-мо коло во Бергамо домашната Аталанта.

Даниеле Д’Амброзио ги шокирше домашните уште во првата минута, а Ешли Јанг во 20 минута ја потврди победата на Интер.

Најефикасната екипа во Серија А сезонава со дури 98 погодоци, Аталанта не постигна погодок. Тимот воден од Џан Пјеро Гасперини првпат е поразен по 19 мечеви во сите натпреварувања, во кои оствари 15 победи и 4 ремија. Аталанта последен пат беше поразена на 20-ти јануари со 1:2 од СПАЛ.

Аталанта на крајот заврши како трета со 78 бодови, пет помалку од шампионот, но тимот го очекува четвртфиналето во Лигата на шампионите со ПСЖ.

Интер, пак, ја продолжи серијата без пораз на осум натпревари. „Нераѕурите“ последен пат беа поразен на 5-ти јули на домашниот дуел со Болоња со 1:2. Екипата на Антонио Конте ја заврши сезината на второто место со 82 бода, со само еден бод зад Јувентус, кој последните две кола откако ја обезбеди новата тутула забележа два пораза. За Интер, кој досега има освоено 18 шампионски тутули, ова е 15-ти пат првенството да го заврши на второто место.

Наполи во Неапол со 3:1 го совлада Лацио. Стрелци за домашните кои го завршија шампионатот со 62 бода на седмото место и се квалификуваа во квалификациите за Лига Европа беа Фабиан Руиз во 10, Лоренцо Инсиње од пенал во 55 минута и Матео Политано во 90 минута.

Лацио остната четврт со 78 бодови, колку и третата Аталанта, и се квалификуваше во Лигата на шампионите. Стрелец на почесниот гол вечерва беше во 23 минута Чиро Имобиле, со погодокот кој го направи најдобар стрелец во Италија но и во Европа во сезоната 2019/20. Имобиле сезонава постигна 36 погодоци, еден повеќе од Роберт Левандовски од минхенски Баерн. Имобиле така станува третиот Италијанец со Златна копачка по Франческо Тоти и Лука Тони. Исто така, со голот против Наполи, Имобиле го израмни и рекордот на Серија А кој го држеше Гонзало Игуаин исто така со 36 голови.

Милан со 3:0 славеше на „Сан Сиро“ против Калјари. Во 12 минтуа Рагнар Клаван постигна автогол, Златан Ибрахимовиќ стрелаше прецизно во 56 минута но не реализираше пенал, а во 58 минута во стрелците се впиша и Самуел Кастиљехо.

Милан е шести со 66 бодови и оди во Лига Европа, додека Калјари сезоната ја заврши на 13-то место со 45 бодови.

Јувентус иако поведе веќе во 6 минута преку Гонзало Игуаин, доживеа убедлив домашен пораз од Рома. Пресвртот за „Волчицата“ го направија Никола Калиниќ во 24 минута, Диего Пероти од пенал во 45 а истиот играч погоди и од игра во 53 минута.

Јувентус кој од претходно ја обезбеди деветтата последователна титула а 36-та во историјата, последните две кола играше со комбинирани состави, бидејќи најдобрите играчи ги штеди за дуелот од Лигата на шампионите следната седмица против Лион.

Во недела се играат преостанатите натпревари по кои ќе биде познато кој, покрај СПАЛ и Бреша, ќе ја напушти Серија А – Лече или Џенова на Горан Пандев. Џенова пред последното коло има бод предност пред Лече.

Играат: СПАЛ-Фиорентина, Болоња – Торино, Лече – Парма, Џенова – Верона и Сасуоло – Удинезе.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.