Во миланското дерби во рамките на неделната програма на 21-то коло на италијанското фудбалско првенство, фудбалерите на Интер со 1:0 го совладаа градскиот ривал Милан зацврстувајќи се на втората позиција зад Наполи кој ги продолжи победоносниот пат кон титулата.
Во првото полувреме Интер беше подобар, што резултираше со погодокот во 34 минута. По изведениот корнер од Чалханоглу, најдобро реагираше Лаутаро Мартинез кој со глава ја погоди противничката мрежа.
Долго време во вториот дел се играше во лесен ритам без возбудувања, а потоа Милан дефинитивно тргна по израмнување. „Росонерите“ беа близу остварување на намерата, но двапати не реагираше добро Оливие Жиру. Во самиот финиш Интер беше поблизок до вториот погодок отколку Милан до израмнување, па дуелот заврши со минималната победа на „Нераѕурите“.
Така Интер ја продолжи добрата низа и во последните шест натпревари во сите натпреварување има пет победи и еден пораз. Милан, пак, продолжува со падот и ова беше четвртиот пораз во низа. Пред неделата Милан прими три гола од Интер во Суперкупот, четири од Лацио и пет од Сасуоло во првенството.
Интер е втор со 43 бодови има тринаесет помалку од водечкиот Наполи, но и три повеќе од третата Рома, додека Милан остана шести со 38 бодови.
Наполи, за кого последните половина час ги одигра македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас кој влезе на местото од Пјотр Зелински, претходно во неделата дојде до петтата последователна победа со 3:0 на гостувањето кај Специја, со што оствари голема бодовна предност на врвот на табелата.
Сите три погодока беа постигнати во второто полувреме. Водството на тимот што го води Лучано Спалети го донесе Грузиецот Квича Кваратшкелија во 47 минута од пенал откако претходно невнимателно со рака во својот шеснаесетник играше Рече. Другите два погодока ги постигна најдобриот стрелец во моментов Нигериецот Викторн Осмхен во 69 и 73 минута, кога ги искористи грешките на домашната одбрана.
Наполи сега има 56 бодови, а Специја со 18 бодови е на 17-то место, пет бодови над зоната на испаѓање.
Гостинска победа во неделата впиша и Болоња од 2:1 кај Фиорентина. Гостите поведоа во 14 минута преку пеналот кој го реализираше Рикардо Орсолини, но само пет минути подоцна домашните израмнија со погодокот на Рикардо Сапонара. Дуелот беше решен на почетокот на вториот дел кога Австриецот Штефан Пошѓ поентираше за три бода на гостите.
Болоња со оваа победа дојде до 29 бодови и деветтото место на табелата, а Фиорентина моментално е 12-та со 24 бодови.
Торино пред своите навивачи со голот на Јан Карамо во 49 минута го победи Удинезе и сега со 30 бодови го симна денешниот противник кој остана на 29 бодови од седмото место.
Колото ќе го заокружат дуелите меѓу Верона и Лацио и меѓу Монца и Сампдорија во понеделник, а во вторник Салернитана го пречекува Јувентус.