Интер го продава Наинголан

Челниците на италијанскиот фудбалски великан Интер го загубија трпението со белгискиот играч од средниот ред, 30-годишниот Раџа Наинголан и според вестите кои стасуваат од Апенините, миланскиот клуб е подготвен да го продаде во јануарскиот преоден рок.

Наинголан во редовите на „Нераѕирите“ дојде летово од Рома за 38 милиони евра, меѓутоа повеќе се истакна со недисциплина отколку со добри игри. Италијанските медиуми наведуваат дека има и проблеми со коцкањето и со забавите до раните утрински часови.

Водството на Интер во неделата го суспендираше Наинголан поради недисциплина бидејќи повеќепати доцнел на тренинзите, поради што не може да биде во конкуренција за дербито со Наполи во среда. Новиот спортски директор на клубот, Бепе Марота, сака да воведе дисциплина во првиот тим, а привиот кој тоа го почувствува на својата кожа е Белгиецот кој покрај суспензијата е казнет и со 100.000 евра.

Италијанските медиуми нагаѓаат дека Интер ќе се обиде да го продаде во јануари, за барем малку да врати од вложените пари. Пишуваат и дека поранешниот белгиски репрезентативец кариерата може да ја продолжи во Кина.

Наинголан за Интер впиша само 14 настапи и притоа постигна три гола. Интересно е што младиот Николо Заниоло, кој во рамките на трансферот на Белгиецот се пресели во Рома, дава одлични игри, па се чини дека во Интер направиле двојна грешка.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.