Интер го совлада Фросиноне и се врати на чело на Серија А

Фудбалерите на милански Интер се вратија на врвот на табелата во италијанското првенство, откако во неделата вечерта во последниот натпревар од 12-ти коло на домашен терен со 2:0 го совладаа Фросиноне.

Интер поведе во 43 минута со одличниот погодок на Федерико Димарко со удар од повече од 40 метри, а победата ја потврди Хакан Чалханоглу кој во 48 минута реализираше пенал.

Интер сега има 31 бод, два повеќе од вториот Јувентус, додека Фросиноне е 12-ти со 15 бодови.

Претходно во големото римско дерби Лацио и Рома одиграа без погодоци. Рома сега дојде до 18 бодови на седмото место, а Лацио со 17 бодови е 10-ти.

Аталанта со погодокот на Едерсон во втората минута од судиското продолжение на натпреварот спаси бод на гости кај Удинезе кој поведе во 44 минута преку Валас. Аталанта е петта со 20 бодови, а Удинезе има 11 бодови и е на 16-то место.

Фиорентина дома со 2:1 ја победи Болоња. Домаќините поведоа со голот на Џакомо Бонавентура во 17 минута, а од пенал израмни во 33 минута Џошуа Зиркзи, но бодовите останаа во Фиренца благодарејќи на пеналот што во 48 минута го реализираше Николас Гонзалес. Фиорентина сега е шеста со 20 бодови, а Болоња падна на осмото место со два бода помалку.

Во првиот наптревар од неделната програма со голот на Украинецот Виктор Коваленко, фудбалерите на Емполи славеа на гости кај шампионот Наполи со 1:0. Украинецот го постигна победничкиот гол во судиското надополнување, погодувајќи ја мрежата со удар од десетина метри откако топката се одби од стативата.

Наполи, кој сѐ уште е без повредениот напаѓач Виктор Осимхен, неочекувано испушти бодови на домашен терен. Наполи, кој ремизираше 1:1 со Унион Берлин во Лигата на шампионите во средата, е четврти со 21 бод, два помалку од Милан, кој ремизираше 2:2 со Лече во саботата.

Емполи, кој загуби осум од првите 12 првенствени натпревари оваа сезона, привремено побегна од зоната за испаѓање, сега е на 17-то место со 10 бодови.