Интер и Јуве ремизираа, Рома ги задржа шансите за ЛШ

ANSA/ROBERTO BREGANI

Во дербито од 34-то коло на италијанската Серија А, во Милано фудбалерите на Интер и Јувентус одиграа без победник (1:1), а Рома и натаму има шанси да се пласира на место кое води во Лигата на шампионите следната сезона.

Интер поведе уште во 7-та минута кога голманот на торинскиот тим Шчечни лошо го процени силниот удар од далечина на Раџа Наинголан. Во 63 минута израмни Кристијано Роналдо со прецизен удар во самиот агол, а ова беше неговиот 600-ти клупски погодок во кариерата во која настапуваше за Спортинг, Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид и Јувентус.

Јувентус од претходно ја освои титулата, а сега има 87 бодови. Интер, пак, е трет со 62 бода, пет помалку од вторпласираниот Наполи, но четири повеќе од четвртата Рома и шест од петтиот градски ривал Милан и шестата Аталанта кои очекуваа негов кикс во трката по место кое води во Лигата на шампионите.

Рома на „Олимпико“ претходно не дозволи изненадување и со 3:0 го совлада Калјари. Стрелци за „Волчицата“ беа Федерико Фацио во 6, Хавиер Пасторе во 9 и Александар Коларов ов 87 минута. Калјари моментално е на 10-то место со 40 бодови. Рома на четвртото место ќе ги очекува дуелите на Милан и Аталанта кои со победи може да ја симнат на последното – шесто место кое води во Европската лига.

Претходно во саботата Болоња со пресврт дома го совлада со 3:1 Емполи. Гостите поведоа со голот на Марко Пајач во 18 минута, а потоа за домашните погодија Роберто Сориано во 52, Рикардо Орсолини во 83 и Никола Сансоне во првата минута од судиското продолжение. Ова беа бодови на спасот за Болоња, која сега е 14-та со 37 бодови, осум повеќе од 18-от Емполи кој со 29 бодови до крајот ќе се обиде да го избегне местото кое води во разигрување за опстанок во Серија А.

Во недела се играат мечевите Форсиноне – Наполи, Киево – Парма, СПАЛ – Џенова, Самдпорија – Лацио и Торино – Милан, а во понеделнико Аталанта – Удинее и Фиорентина – Сасуоло.