Интер ја совлада Фиорентина и се израмни со неа

Во првиот натпревар од италијанското фудбалско првенство во вторникот вечерта Интер како домаќин ја совлада Фиорентина со 2:1 (1:0) и се израмни со вечерашниот противник на табелата.

Интер дојде до водство во последните моменти од првото полувреме преку пенал кој го реализираше Икарди откако Виктор Уго несреќно играше со рака во својот шеснаесетник. Фиорентина израмни во првите минути од вториот дел кога во 53 минута шутот на Киеза од повеќе од 20 метри на патот кон голот го погоди домашниот бек Шкриниар, топката го промени правецот и го измами голманот Хандановиќ. Сепак, Интер до првата домашна победа сезонава во Серија А дојде со погодокот на Д’Аброзио во 77 минута по одличната комбинација со Икарди.

Интер со оваа победа бодовно се израмни со Фиорентина, и двата тима имаат по 10 бодови, како и Сасуоло, а пред нив се само Јувентус со 15 и Наполи со 12 бодови и меч помалку.

Во среда ќе играат Удинезе – Лацио, Рома – Фросиноне, Аталанта – Торино, Калјари – Сампдорија, Џенова – Киево, Јувентус – Болоња и Наполи – Парма, додека во четврток колото ќе го затворат дуелите СПАЛ – Сасуоло и Емполи – Милан.