Интер одигра без голови со Сасуоло

Во последниот саботен натпревар во рамките на 20-то коло од италијанското фудбалско првенство, Интер на домашен терен одигра 0:0 против Сасуоло.

Натпреварот во Милано на кој беше прикажана потпросечна игра за квалитетот на Серија А, ќе остане запаметен по тоа што на трибините на „Сан Сиро“ присуствува повеќе од 10.000 ученици. Имено, Интер поради расистичко однесување на неговите навивачи е казнет со два меча без присуство на гледачи, а водството на „Нераѕурите“ не се жалеше туку замоли стадионот да биде отворен за деца. Челниците на италијанскиот сојуз и на Серија А го прифатија барањето, па мечот Интер – Сасуоло го следеа повеќе од 10.000 основци и играчи од најмладите категории.

Интер и натаму е на третото место, сега со 40 бодови, четири помалку од второпласираниот Наполи и тринаесет од водечкиот актуелен шампион Јувентус, но седум повеќе од Рома.

Римската „Волчица“ во првиот саботен натпревар со 3:2 на „Олимпико“ го совлада Торино. Рома по првото полувреме имаше водство од 2:0, со головите на Николо Заниоло во 15 и Александар Коларов о 34 минута од пенал. Но во второто полувреме гостите успеаја да израмнат преки Томас Ринкон во 51 и Кристиано Ансалди во 67 минута. Сепак, Рома успеа да дојде до трите бода со победничкиот погодок на Стефан Ел Шарави во 73 минута, со што сега има вкупно 33 бода и моментално е на четвртото место, само бод повеќе од градскиот ривал Лацио и два од Милан, кои во недела ги играат своите дуели од колото. Торино, пак, е десетти со 27 бодови и може по неделните дуели да назадува едно место на табелата.

Удинезе со 1:2 дома беше поразен од Парма. Гостите поведоа во 11 минута од пенал што го реализираше Инглезе, домашните израмнија преку Окака во 50 минута, но потоа немаа сила да го стасаат новото водство на Парма за кое заслужен беше Жервињо со погодокот во 68 минута. Удинезе е 15-ти со 18 бодови, а Парма скокна на деветтото место со 28 бодови.