Интер се пласираше во финалето на Лигата на шампионите

Inter Milan’s Lautaro Martinez (C) kicks against AC Milan’s goalkeeper Mike Maignan during the UEFA Champions League second leg of semi final match between FC Inter and Milan at Giuseppe Meazza stadium in Milan, 16 May 2022. ANSA / MATTEO BAZZI

Фудбалерите на Интер изборија пласман во финалето на Лигата на шампионите откако во реванш полуфиналниот натпревар на Сан Сиро пред 75.567 гледачи го победија градскиот ривал Милан со 1:0 и со тоа ја потврдија победата од 2:0 од првиот натпревар минатата седмица.

Решавачкиот гол го постигна Лаутаро Мартинез во 74 минута. Така, во финалето на 10-ти јуни во Истанбул, Интер ќе игра против подобриот од утрешната пресметка меѓу Манчестер Сити и Реал Мадрид. Првата средба на мадридски „Сантијаго Бернабеу“ заврши со резултат 1:1.

По 13 години Италија повторно има претставник во финалето на Лигата на шампионите, откако Интер победи со 3:0 во пресметката против градскиот ривал Милан по два полуфинални натпревари. „Нераѕурите“ минатата седмица славеа како гости со 2:0, а зво реваншот со победата од 1:0 го потврдија пласманот о финалето.

Токму Интер во 2010 година беше последниот италијански финалист. Интер ја освои европската титула таа година по победата од 2:0 против Баерн. Тоа беше трета европска круна за „нероаѕурите“ по прославите во 1964 и 1965 година. Интер уште два пати играше во финалето, во 1967 година загуби од Селтик, а во 1972 година од Ајакс.

Вечерашниот натпревар на Меаца беше петти „Дерби дела Мадонина„ сезонава, а Интер славеше по четврти пат. Во Серија А, Милан победи со 3:2, а Интер одговори со победа од 1:0. Двата големи ривали играа и во италијанскиот Суперкуп, во Ријад, каде Интер победи со 3:0. Во првото полуфинале Интер победи со 2:0, а реваншот исто така им припадна на „Нераѕурите“.

Милан беше засилен во однос на првата средба откако се опорави Рафаел Леао. Португалецот пред десетина дена се здоби со повреда на десниот бутен мускул, поради што го пропушти првиот меч. Сепак, го немаше Исмаел Бенасер, чија сезона заврши по повредата на коленото. Промена во одбраната направи и Стефано Пиоли. Од тимот отпадна искусниот Данец Симон Кјаер, а шанса доби младиот германски дефанзивец Малик Тиау. Од друга страна, Симоне Инзаги немаше причина да го менува составот.

Сѐ започна сталожено од двете страни. Прв се закани Милан, во 5 минута кога Тео Ернандез се обиде од далечина да го изненади Андре Онана. Тоа беше силен удар кој мина над гредата. Две минути подоцна на спротивната страна одговори Николо Барела, но и тој шутираше над голот. Во 11 минута гостите имаа одлична можност, Сандро Тонали се спушти по левото крило, а со повратната топка го проигра Брахим Дијаз кој шутираше слабо и Онана немаше проблем со неговиот удар.

Следуваа скромни минути без премногу шанси со бројни прекини и фаули. Дури во самиот финиш на првиот дел натпреварот повторно живна. Можеби најубавата шанса во првото полувреме ја имаше Милан во 38 минута. Леао, кој дотогаш беше невидлив, налета кон голот по левата страна, шутираше од десетина метри откосо, но го промаши голот. Две минути подоцна шанса имаше и домаќинот. Хакан Чалханоглу нафрли од слободен удар, Един Џеко шутираше со глава, но Мајк Маињан одбрани.

Отворањето на вториот дел не донесе многу. Интер разбирливо ја контролираше играта, без потреба да ризикува а Милан беше немоќен. Интер целосно го умртви натпреварот, а во 75 минута му го зададе последниот удар на противникот. Лаутаро Мартинез влезе во шеснаесетникот од левата страна, размени додавање со Лукаку и со убав удар во поблискиот агол погоди за конечните 1:0.