Интер заработи 23,4 милиони евра од шампионската титула

Интер за освојувањето на шампионската титула во Италија од парите добиени од продажба на телевизиските права од натпреварите во Серија А ќе биде награден со 23,4 милиони евра, додека второпласираниот тим ќе добие четири милиони евра помалку, објавија денеска италијанските медиуми.

Серија А оваа сезона ќе им подели на клубовите вкупно 1.1 милијарда евра од продажбата на телевизиските права.

Половина од таа сума ќе биде распределена на еднакви износи и секоја од 20-те прволигашки екипи ќе добие по 27.5 милиони евра.

Дополнителни 20 отсто клубовите ќе добијат врз основа на навивачката база, а 30 проценти врз основа на постигнатите резултати (15 отсто врз основа на резултатите од тековната сезона и 15 отсто врз снова на резултатите од 1946 година до сезоната 2020/21).

На примерот на Интер тоа значи дека новиот италијански шампион заработил 27.5 милиони евра, како и останатите клубови, потоа 23.4 милиони евра за освоеното прво место, а ќе инкасира добивка и врз основа на навивачката база и постигнатите резултатите почнувајќи од 1946 година.