Интернет-петиција за оставка на членовите на ДИК

Интернет-петиција со која се бара оставка од членовите на Државната изборна комисија (ДИК) е покрената во четвртокот откако неодамна беше објавено дека земале бонуси, досега собрала преку 1.500 потписи.

„Бараме оставка на деветте членови на ДИК поради неетичко однесување и кршење на ‘Принципите за работа’ објавени на веб-страницата на ДИК кои меѓу другото гласат: ‘Постојано вршиме самоевалуирање затоа што сакаме постојано да ја унапредуваме нашата работа и секој нареден изборен циклус да биде подобар од претходниот. Притоа ја зголемуваме ефикасноста, ја спроведуваме работата со помалку напор, и ја зголемуваме ефективноста со што ги намалуваме трошоците за својата работа“, се наведува во петицијата.

Американскиот амбасадор Џес Бејли на почетокот од седмицава ја изнесе информацијата во јавноста дека членови на ДИК си изгласале дополнителна плата за четири дополнителни месеци за нивната работа на октомвриските локални избори, а оти претходно дополнителено добиле плата и за пет месеци по изборите од 2016 година. Потоа се дозна дека астрономските за македонски услови суми биле поделени и за планираните предвемените парламентарни избори кои не се одржаа минатата година.

Членовите на ДИК одржаа седница на која потенцираа дека одлуката за надоместок за изборите за нив и за стручната служба и други ангажирани лица е законска и според член 19 од Изборниот законик и Правилникот на Комисијата. Тие, иако сметаат дека ги заслужиле тие пари, посочија оти ќе ги вратат четирите плати во Буџетот или ќе ги донираат, поради судот на јавноста.

„Платата на членовите на Државната изборна комисија (ДИК) се движи помеѓу 60.000 и 70.000 денари.  Во изминатите 18 месеци, во три наврати, си доделиле вкупно 12 надоместоци и воопшто не ја информирале јавноста за тоа. Амбасадорот на САД го посочи ДИК како пример за корумпирана институција и нетранспарентно работење“, се додава во петицијата којашто досега ја потпишале речиси две илјади луѓе.

 

линк до  интернет-петицијата