Интерпол извести за првите заплени на фалсификувани вакцини против Covid-19

Околу 2.400 дози од фалсификувани вакцини против коронавирусот се запленети во Јужноафриканската Република, а во Кина е разбиена мрежа на криумчари на вакцините, соопшти во средата Интерпол предупредувајќи дека тоа претставува само „врв на сантата“.

„Властите во Јужноафриканската Република запленија стотици дози од фалсификувана вакцина против Covid-19 по дојава од Интерпол кој предупреди на тоа дека вакцините се омилена цел на криминалните мрежи“, додаде во соопштението меѓународната организација за полициска соработка чие седиште е во француски Лион.

Тројца кинески државјани и еден на Замбија се уапсени во оваа операција спроведена во Гермистон, во покраината Гуатенг во која е откриено и „големо количество фалсификувани заштини маски“.

Интерпол притоа ѝ дал помош на Кина, каде што полицијата „открила мрежа за продажба на лажна вакцина за Covid-19 и упадна во производствен погон, апсејќи 80 осомничени и запленувајќи повеќе од 3.000 дози од лажната вакцина“.

„Иако сме задоволни со ваквите исходи, ова е само врвот на ледениот брег кога станува збор за криминалот поврзан со вакцините за Covid-19. Овие апсења го потврдуваат значењето на Интерпол во обединувањето на главните учесници во јавниот и во приватниот сектор поради заштитата на јавната безбедност“, оценува генералниот секретар на Интерпол, Јирген Шток, во писмената изјава за медиумите.

Интерпол повторно предупредува дека на интернет се продаваат неодобрените вакцини. „Вакцините кои се рекламираат на мрежните страници или на дарктнет не се легитимни ниту се испитани и може да бидат погубни“, се предупредува во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.