Интерпол откри меѓународна измама со медицински маски во висина од околу 2,4 милиони евра

Службеници на Интерпол во заедничка акција со властите во Германија, Ирска и Холандија открија криминална шема поврзана со продажба на маски за германскиот медицински персонал, при што е остварена корист од околу 2,4 милиони евра.

Во криминалната шема биле користени хакирани мејлови, измама со претплата и перење на пари. При операцијата приведени се две лица.

Според Интерпол, гермаснките здравствени власти во март побарале медицински маски и се поврзале преку електронска пошта со компанија во Шпанија, која тврдела дека располага со 10 милиони маски. Компанијата не можела да ги достави маските до Германија и го насочила Берлин кон доставувач од Ирска.

Со ирската компанија бил склучен договор за достава на 1,5 милиони маски, кои требало да бидат доставени од Холандија со 52 камиони со полициска придружба. Германија уплатила 1,5 милиони евра, но ирската компанија тврдела дека не ја добила целата сума и побарала да се уплатат уште 880.000 евра на доставувачот во Холандија. Но, и покрај тоа маските не биле доставени во Германија.

Истрагата на холандските власти покажала дека 880.000 евра биле уплатени во една британска банка на сметка поврзана со Нигерија. Две лица успеале да направат копија од електронската пошта на холандската компанија и да ги префрлат парите.