Инвестирањето во гасна централа во Грција е „енергетска авантура“, смета ВМРО-ДПМНЕ

Најголемата опозициска партија во земјава, ВМРО-ДПМНЕ смета дека инвестирањето во гасна централа во Грција, што го најави Владата, е „енергетска авантура“. Во соопштението до медиумите од Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ се вели дека е подобро планираните средства да се инвестираат во гасна електроцентрала дома.

Идејата за учество во изградбата на гасна термоелектрична централа во Александропулос-Грција неколку пати беше најавена од страна на Владата, откако неодамна во соседна Грција се одржаа и средби на кои стана збор за оваа тема. Намерата е Македонија да учествува во градбата со околу 25 отсто од инсталираниот капацитет или би имале 200 MW од инсталираниот капацитет од 800 MW. Ново е што вчера на Македонскиот енергетски форум генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, изјави дека Македонија времено се откажува од инвестирање во нуклеарната електрана во Белене-Бугарија и ќе се пренасочи кон проектот во Александропулос.

„Позитивно е што се размислува за нов производствен капацитет кој ќе обезбедува базна енергија. Но, има некои работи кои треба да се учат од историјата, иако оваа власт ја продава историјата и вели не е важна“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие потсетуваат дека во време на СФРЈ, некаде во 1960-тите и 1970-тите години, Република Македонија инвестираше во градба на еден термо блок од 200 MW во ТЕ „Косово А“ со цел таа енергијата за следните 20 години да ја користи во тогашната фабрика Железара – Скопје.

„Тогаш бевме сите во заедничка држава, но во посебни републики. И покрај тоа, снабдувањето со електрична енергија од овој блок не беше без проблеми. Честопати било каков дефект на Термо блоковите во Косово, беше поврзан со блокот кој го финансираше Македонија, сите трошоци за поправки на дефекти, ремонти и резервни делови беа наплатувани на товар на Македонија, а сигурноста во снабдувањето беше нестабилна. Контролата на работењето на блокот беше во рацете на локалните власти и Македонија во основа слушаше што ќе им кажат властите од Белград па дури и колку да платат за поправки и други трошоци. Тој период заврши и сега финансиите ги немаме, а немаме ниту термоблок“, велат од Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ .

Притоа, додават дека со оглед дека Македонија во инвестицијата во гасната електрана во Грција би била малцински учесник, нема да има управувачки пакет, ниту некоја решавачка улога во работењето на електраната. На овој начин, додаваат, можни се уценувања во дадени критични моменти во електроенергетска криза, а згора не сé тоа го финансираме сами.

„Со кои гаранции ќе се обезбедува работењето на тој блок? Со терминот ‘наши пријатели’? Најверојатно дека нема некоја посериозна анализа за обезбедување на гарантирано учество во управувањето со електроцентралата, ниту финансиска конструкција колку тоа ќе чини“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека средствата кои се планираат подобро е да се инвестираат во гасна електроцентрала дома.

„На пример во ТЕЦ Неготино, каде гасот е веќе пристигнат. Или во ТЕЦ Осломеј или во ТЕЦ Битола. Нели е така многу поисплатливо; да имаш на своја територија централа и да ја управуваш и го користиш бенефитот од истата“, се вели во соопштението.

За ВМРО-ДПМНЕ власта протежира, како што се наведува „едно малку чудно решение“ – ТЕЦ Неготино да се продаде, а ќе инвестира во Грција или Бугарија, за да учествува во друга држава во изградба на нивна електрана.

Од таму сметаат дека Владата нема никаква визија во врска со Стратегијата за развој на енергетиката во Македонија. Иако Стратегијата за развој на енергетиката го дефинира најпогодниот долгорочен развој со цел да се обезбеди сигурно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија, со изјавите од власта таа се менува неколку пати месечно, а некогаш и почесто, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Последните четири години сме сведоци на секакви изјави, кои некогаш се и дијаметрално спротивни. Во едни изјави државата гледа интерес во нуклеарната централа Белене во Бугарија, па за кратко време се менува идејата и се насочуваат кон производство од фотоволтаични централи. Некогаш во нивните изјави го модернизираат РЕК Битола за да го продолжат работниот век и да ја заштитат животната средина, па истите после го затвораат РЕК Битола во 2025 и по потреба има јаглен и по 2050 година. Сега имаме идеја за инвестирање во гасна централа во Грција“, се вели во соопштението до медиумите, во кое се додава дека со водење на ваква енергетска политика можеме да очекуваме несигурно производство и снабдување на електрична енергија, поголема енергетска зависност, а со тоа енергетска и економска криза во Република Македонија.