Ирачкиот премиер и верски лидер најавија политички сојуз

Ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади и клерикот Моктад ал-Садр во саботата објавија дека нивните политички блокови, коишто на парламентарните избори во мај завршија како трет и прв, ќе влезат во политички сојуз.

Коалицијата Сојуз на победата на премиерот Хајдер ал-Абади, и коалицијата Саерун на Мокдар ал-Садр „ќе ги надминат секташките и етнички разлики“, соопштија челниците на прес-конференцијата во светиот шиитски град Наџаф каде што живее ал-Садр.

Тој во јуни заедно со Хади ал-Амири, командант на шиитската милиција којашто е поврзана со Иран и чија коалиција Фатих на изборите заврши како втора сила, најави сојуз на двата блока. Засега не е познато дали објавата на Абади и Садр во саботата значи дека трите блока не може да соработуваат. Тие истакнаа дека нивниот сојуз „не значи дека вратата е затворена за другите блокови“.

Ирачките политички челници традиционално ги одржуваат ваквите средби по изборите во рамките на долгите и често компликувани процеси на формирање коалициски влади, бидејќи ниедна партија или блок никогаш не освојува доволно места за да може самостојно да формира влада.

Во земјата во којашто шиитите се во мнозинство со 66 отсто од населението а 33 отсто го сочинуваат сунитски муслимани, овојпат процесот е дополнително компликуван поради рекордно ниската излезност на гласачите и под обвиненија за изборна измама. Парламентот на заминување нареди рачно пребројување на гласовите, а ирачкиот Врховен суд ја потврди оваа одлука.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.