Ирак ќе овозможи плаќање на увозот од Кина во јуани

Ирачката централна банка објави во средата дека има намера првпат да овозможи директно плаќање на увозот од Кина во јуани во рамките на планираното подобрување на пристапот до странски валути, што се смета за нов успех на Пекинг во низата слични договори со други земји со кои го истиснува американскиот долар како главна валута за прекуграничните тргувања.

„Ова е првпат увозот од Кина да се финансира во јуани, имајќи предвид дека досега ирачкиот увоз од Кина се финансираше само во американски долари“, изјави во средата за Reuters економскиот советник на ирачката влада, Мидир Салих.

Централната банка на Ирак во рамките на тој план би можела да ги зајакне билансите на домашните банко коишто во кинеските банки ги имаат своите сметки во јуани, се додава во соопштението од Багдад.

Втората опција би била зголемувањето на билансите на домашните банки преку сметките на централната банка во американската комерцијална банка „JP Morgan“ и во DBS, односно Сингапурската развојна банка.

Првата опција би зависела од резервите на централната банка во јуани, појаснил Салих. При втората, пак, би се користеле резервите на централната банка во американски долари во „JP Morgan“ и во DBS, кои би и претвориле доларите во јуани и би им се платило на крајниот примач во Кина.

Потегот на Ирак е знак за сѐ позначајната улога на јуан на меѓународен план, имајќи предвид дека Кина постепено ги отвора своите финансиски пазари и некои земји настојуваат да ја диверзифицираат својата валутна изложеност, забележува Reuters.

Ирачката централна банка истовремено презема итни чекори за да ги надомести недостигот од американски долари на домашниот пазар, па владата пред две седмици одобри ревалвација на ирачкиот динар за да ја зајакне неговата вредност во однос на долари. Така владата го утврди официјалниот курс од 1.300 ирачки динари за американски долар, наспроти досегашните 1.460 динари за долар.