Ирак го доби и третиот кандидат за наследник на премиерот Махди

Ирачкиот претседател Бархам Салих го именуваше во четвртокот шефот на разузнавачката служба Мустафа ал-Кадими за нов мандатар, трет кандидат во само десет дена кој ќе се обиде да ја состави новата влада, откако претходната се повлече по неколкумесечните насилни протести со крвопролевања.

Претседателот Бархам Салих го именуваше Мустафа ал-Кадими кусо откако претходниот мандатар, Аднан ал-Зурфи, објави дека се повлекува бидејќи не успеал да добие доволна поддршка за составување на владата, објави ирачката државна телевизија.

Адел Абдул Махди, кој поднесе оставка под притисокот на протестите против неговата влада во ноември, и натаму ја води техничката влада, Првиот избор на претседателот Салих за негов наследник беше пораншениот министер за телекомуникации, Мохамед Алави, кој се повлече на 1-ви март откако за четири седмици не успеа да добие доволна поддршка од пратениците.

Ирак е исцрпен со децениските војни по американската инвазија, меѓународните санкции и корупцијата поради што му се заканува економско пропаѓање, безредија а последните месеци и ширење на заразата со новиот тип коронавирус.

Кадими на чело на разузнавачката служба дојде во 2016 година, и како и претходниот кандидат на Салих за заменик на Махди, го сметаат за политички независен. Во рок од еден месец треба да обезбеди поддршка за формирање влада од влијателните секташки групации кои доминираат во ирачкиот парламент.