Ирак и САД негираат нов напад врз шиитската милиција

Меѓународната коалиција предводена од САД и ирачката армија негираа во саботата дека извеле никаков воздушен напад во близина на кампот Таџи северно од ирачката престолнина Багдад чија цел бил конвој на ирачката шиитска милиција, пренесе во саботата телевизијата Sky News Arabia.

Претходно малку по полноќ кон саботата истата телевизија, како и каналот Al Sumaria и агенцијата Reuters објавија дека од воздух бил нападнат конвој возила на шиитската милиција ал-Хашед ал-Шааби, во предградието Таџи северно од Багдад.

„Ирачката армија негира каков и да е воздушен удар во Таџи северно од Багдад“, изјавил воен претставник за телевизијата.

Меѓународната коалиција за борба против Исланската држава предводена од САД во саботата, исто така, негираше дека последните денови извела напад во споменатата област.

Агенцијата Reuters ноќта кон саботата пренесе дека во нападот врз Силите на народната мобилизација (PMU) во близина на кампот Таџи биле убиени шест лица, а три биле ранети. Ирачките телевизии известија дека станува збор за американски воздушен напад.

Ден претходно во близина на меѓународниот аеродром во Багдад неколку команданти на ирачката шиитска милиција ал-Хашед ал-Шааби која е дел од PMU, беа убиени заедно со командантот на ирачките специјални сили Ал Кудс, генералот Касем Сулејмани, во воздушен напад за кој одговорноста ја преземаа САД.