Ирак извести за апсење на главниот координатор на Исламската држава

Ирачката агенција за борба со тероризмот (CTS) потврди во понеделникот дека уапсила еден од челниците на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, Ирачанец познат под военото име Абу Наба, откако допатувал на аеродромот во Багдад.

Мажот бил уапсен во октомври додека „влегувал во такси по симнувањето од авионот со кој слетал на багдадскиот аеродром“, изјавил за агенцијата AFP, Сабах ал-Ноаман, портпарол на елитната антитерористичка единица. Меѓутоа, на прашање на агенцијата, ал-Ноаман не сакал да го открие вистинскиот идентитет на Абу Наба, од каде допатувал , ниту како можел да патува иако во Ирак по него траела потрага.

Абу Наба бил „голема цел“, човек кој својот „џихадистички пат го започнал во 2003 година со Ал Каеда, а потоа се приклучувал на различни групации. Исламската држава своевремено контролираше речиси третина од Ирак, но кон крајот на 2017-та беше потисната по крвавите тригодишни борби“, додал ал-Ноаман.

„Беше во контакт со членови на Исламската држава во Ирак и одамна ја следиме нивната комуникација. Абу Наба се занимаваше со финансиите, испраќање пораки и организирање состаноци. Беше главен координатор“, додал ал-Ноаман.

Човекот кој е во притвор од апсењето во октомври, треба да биде изведен пред судот по испитувањата кои се во тек. Според ирачкото антитерористичко законодаваство му се заканува смртна казна и само за „членување во терористичка организација“. Според овој закон, веќе се изречени и спроведени стотици смртни казни на ирачки и странски борци на Исламската држава во Ирак.

И покрај дефинитивниот воен пораз на Исламската држава во ноември 2017 година во Ирак и уништувањето на остатоците од нејзиниот „калифат“ во Сирија во 2019 година, оваа џихадистичка организација која има упоришта во доминатно сунитските провинции во Ирак и се потпира на симпатизери и приврзаници на поранешниот ирачки диктатор Садам Хусеин, сѐ уште изведува напади. Десет лица беа убиени во саботата во заседа на џихадистите на север од Багдад, а десетина дена претходно во гранатирање во близина на ирачката престолнина убија единаесеи луѓе.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.