Иран ги извести ОН дека не сака ескалација или војна, го отфрли повикот на Трамп

Маџид Тахт Раванчи, постојан претставник на Иран во ОН

Иран „не сака ескалација или војна“ и затоа ги ракетираше само воените објекти како одмазда за американското убиство на генералот Касем Сулејмани, изјави амбасадорот на Исламската Република при Обединетите нации, Маџид Тахт Раванчи, и го отфрли американскиот повик на соработка сѐ додека Вашингтон не ги отсрани санкциите за Техеран.

„Операцијата беше прецизна и целени беа воени објекти, поради што немаше колатерлана штета за цивилите или имотите на цивилите во областа“, напиша Тахт Раванчи во писмото до генералниот секретар на ОН, Антониот Гутереш, и до Советот за безбедност при светската организација.

Иранските ракетни напади ноќта кон средата врз американските сили во базите во соседен Ирак беа изведени како одмазда за американското убиство на 3-ти јануари во Багдад на иранскиот воен командант Касем Сулејмани, што поттикна стравувања за нова војна на Блискиот исток.

Техеран го употребил своето „природно право на самоодбрана“ според Повелбата на ОН и „преземал и извел одмерен и пропорционален воен одговор“, пишува Раванчи.

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата ги повика земјите потписнички на нуклеарниот договор од 2015 година, од кој САД еднострано се повлекоа во мај 2018 година и ги вратија санкциите за Иран, и тие да се повлечат од говорот за да може да се склучи нов. Според намерите на администрацијата во Вашингтон, Техеран треба да биде принуден да потпише договор кој не само што ќе ја опфаќа неговата нуклеарна прогрема за која иранската страна тврди дека е само со цел да се добие енергија и во медицински цели, туку да ја опфати и ракетната програма и да го ограничи зголеменото влијание на Иран во регионот.

Договорот во Виена во ноември 2015 година, го потпишаа петте постојани земји членки на Советот за безбедност при ОН – САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција плус Германија и ЕУ. Неговата цел беше ограничување на иранското збогатување на ураниум со цел да се намали можноста Техеран да дојде до нуклеарно оружје, во замена за укинувањето на децениските санкции.

„Мораме заедно да работиме на создавањето нов договор со Иран кој би го направил светот побезбедно и помирно место“, рече Трамп. Додаде дека нема да ги укине сакнциите сѐ додека не се промени иранската политика, но повика на соработка со Иран против џихадистичката Исламска држава и на подрачјата каде имаат заеднички интереси.

Раванчи го отфрли овој повик на Трам како „неверојатен“, имајќи предвид дека санкциите и натаму се на сила, пренесе иранската државна новинска агенција IRNA во четвртокот. Станува збор за првата иранска реакција на говорот на Трамп по иранскиот напад, а Тахт Раванчи рече дека Вашингтон „ја иницираше новата спирала на ескалација и анимозитет кон Иран“ со убиството на Сулејмани.