Иран го надминал лимитот на збогатен ураниум според нуклеарниот договор

Резервите на збогатен ураниум до 3,67 отсто со коишто располага Иран надминале 300 килограми, максимално дозволеното количество со договорот што Техеран во 2015 година го потпиша со шесте светски сили, извеси агенцијата Fars повикувајќи се на извор запознаен со најновите податоци на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA).

„По мерењата спроведени минатата среда, IAEA денеска соопшти дека обемот на збогатен ураниум во посед на Иран надминува 300 килограми“, рекол соговорникот на споменатата иранска новинска агенција. Fars додава дека IAEA во извештајот потврдила дека лимитот е нарушен, но оваа агенција со седиште во Виена ова сѐ уште официјално не го потврдува.

Претходно во неделата друга иранска новинска агенција Tasnim пренесе дека Иран ќе продолжи да ја намалува усогласеноста на своите обврски преземени со Заеднички план за сеопфатна за акција (Joint Comprehensive Plan of Action – JCPOA), ткн нуклеарен договор, по 7-ми јули, и покрај тоа што европските потписнички го воведоа меѓубанкарскиот фискален механизам INSTEX со кој треба да се заобиколат американските санкции против Техеран, повторно воведени откако САД во мај минатата 2018 година излегоа од договорот. Се претпоставува дека во рамките на втората фаза, Техеран ќе се откаже да ги почитува обврските за збогатување на ураниумот до ниво од 3,67 отсто, како и дека ќе се врати на првобитниот план за модернизацијата на нуклеарниот реактор на тешка вода во Арак, што потенцијално овозможува да се произведе плутониум употреблив во воен намени.

На почетокот од мај иранскиот претседател Хасан Роухани најави дека Техеран ќе суспендира дел од своите обврски преземени со нуклеарниот договор и на другите потписници им даде рок од два месеца да се вратат во неговата целосна имплементација, а тој период истекува на 7-ми јули. Според иранската страна, потписниците на договорот, во прв ред европските земји Франција, Велика Британија и Германија, не ги исполнуваат целосно своите обврски во екононскиот дел од договорот, па оттаму тој во сегашната форма ја загубил смислата.