Иран го повика Лондон веднаш да го ослободи заробениот танкер

85

Иран во петокот ја повика Велика Британија веднаш да го ослободи нафтениот танкер кој британската воена морнарица го зароби минатата седмица кај Гибралтар поради сомневање дека ги прекршил санкциите на Европската унија со превоз наводно на нафта од Сирија, соопшти портпаролот на иранското министерство за надворешни работи за државната новинска агенција IRNA.

„Ова е опасна игра и ќе има последици. Не постојат правни основи за задржување. Ослободувањето на танкерот е во интерес на сите земји“, рекол портпаролот на иранската дипломатија, Абас Мусави. Предупреди дека Иран ќе возврати со мерки доколку танкерот не биде ослободен.

Официјален Техеран во четвртокот го обвини Лондон дека со лажни вести сака да предизвика ескалација на тензиите во Персискиот залив, откако портпаролот на британската влада координирано со неименувани американски функционери лиферуваат вест дека наводно три ирански воени брода се обиделе да запрат британски танкер во иранските територијални води, но се повлекле по наводно предупредување од фрегатата на британската Кралска морнарица.

Британските воени бродови од британската енклава Гибралтар минатиот четврток го запленија иранскиот супертанкер „Grace 1“ на барање од САД упатено до Велика Британија. Ова предизвика дипломатски спор меѓу Техеран и Лондон, а иранската страна реагираше со повикување на британскиот амабасадор во министерството за надворешни работи.

Британија смета дека има причина за претпоставка дека сировата нафта на супертанкерот има врска со сириската рафинерија Банџас, со што се кршат санкциите на ЕУ против Сирија. Иран тврди дека „ Grace 1“ пловел во меѓународни води и дека во согласност со меѓународното поморско право, британските власти не смеат да го запрат.

Според податоците на поморскиот магазин „ Lloyd’s List“, супертанкерот „ Grace 1“ превезувал нафта од Иран. Според тоа, ги кршел американските санкции повторно наметнати против Иран, отакако во мај минатата 2018 година САД еднострано истапија од меѓународниот нуклеарен договор од 2015 година потпишан меѓу Техеран и шесте светски сили. Меѓу нив е и Велика Британија.

Портпаролот Мусави, обвинувајќи го Лондон за заробувањето на танкерот под притисокот на САД, рекол за агенцијата IRNA дека „таквите нелегални мерки може да ги зголемат тензиите во Персискиот залив“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.